Среќен 30 септември.
Убаво име за денот во кој се одбележуваат три збора што содржат цел универзум и носат цел еден живот во себе.
Кога ќе се појават вака, давајќи му име и значење на денот, секогаш нешто ја заскокоткува мојата имагинација и ме тера да направам мала рефлексија, да се погледнам уште еднаш и да се видам низ значењето на секој од тие зборови за мене.
Но тука се појавува предизвикот – за кој дел од мене? За која слика, лик или улога што ја носам во себе или ја покажувам кон околината?
Зборовите и нивните значења се познати за сите, но за мене секој од нив добивал свое посебно толкување во различните периоди од мојот живот. Едно со сигурност можам да кажам – биле присутни отсекогаш.
Некако, пријатна ми е помислата дека имаме ден кој може да нè поттикне сопственото постоење да го погледнеме токму низ значењето на овие три збора, толку длабоко вкоренети во човекот.
Затоа се обидов да им дадам свое значење од аспект на некои од моите позначајни улоги, или можеби подобро, ликови и профили. Ова се нивните значења за мене, погледнати низ моите очи. Некој можеби ќе се препознае во нив, некој ќе ги доживее сосема поинаку. Токму во тоа е убавината. Сите сме единки, а во основата, пред сè и над сè, човечки суштества.
Погледнато од оваа временска точка од мојот живот, секој од овие зборови има своја карактеристика во животните патишта што сум ги одела и ги одам: вера да тргнам, надеж секогаш да гледам малку подалеку од она што е пред мене и љубов да го живеам патот.
Како девојка, вера беше љубопитноста со која тргнував кон светот, надежта го содржеше убедувањето дека некаде зад она што го гледам има уште нешто што вреди да се открие, а љубовта беше радоста со која го откривав.
Како сестра, вера ми е сигурноста дека постојат врски кои времето само ги зацврстува, надежта е дека секогаш ќе имаме каде да се вратиме едни кон други, а љубовта е она што нè држи блиску низ сите наши различни животи.
Како пријателка, вера е довербата што ја вложувам и давам, надежта е сознанието дека вистинските пријателства умеат да ги надминат и времето и далечината и разликите, а љубовта е присуството.
Како сопруга, вера беше одлуката да тргнеме по еден заеднички пат, надеж беа сите оние наши утре што ги замислувавме додека го живеевме денес, а љубов беше животот што го создадовме по тој пат.
Како мајка, вера е да им дадеш корени и да веруваш во крилјата што самите ќе ги рашират. Надеж е погледот кон луѓето во кои растат. Љубовта е во безброј нешта, големи и сосема мали, но значајни, затоа што од нив се состои еден живот со децата.
Како жена, вера е внатрешната сигурност дека можам да го пронајдам и изберам сопствениот пат. Надеж е мојата способност и понатаму да посакувам, да сонувам, да почнувам од почеток. Љубов е да се прифатам и со полно срце да го живеам секој свој период со сето она што го носи.
Како работничка и професионалец, вера е да знам дека можам да научам и она што вчера не сум го знаела. Надеж е секогаш да гледам што уште може да се направи, подобри, создаде. Љубов е да внесам дел од себе во она што го работам и да го споделам.
Како преведувачка и раскажувачка, вера е дека зборовите можат разбирливо да стигнат до другиот човек. Надеж е дека некој, некаде, во нив ќе се препознае себеси, ќе препознае нешто свое. Љубов е вниманието со кое ги избирам и искажувам зборовите.
Како патничка, верата ме поттикнува да тргнам. Надежта ме тера да погледнам малку подалеку, зад следниот свиок. Љубовта ме учи да бидам присутна таму каде што сум.
Како спортистка, верата е на стартната линија, длабоко во мене. Надежта е она мало гласче во главата – „уште можам“ – кое се јавува токму тогаш кога патеката станува најтешка. Љубовта е во секој километар меѓу стартот и целта: дружбата, разговорот, смеата, мотивациските пораки, насмевките, лесните и тешките моменти на патеката.
Како претприемачка и креаторка, верата е првата идеја што понекогаш ја гледам само јас. Надежта е сликата што ја гледам пред таа да стане стварност. Љубовта е сето она што го вложувам за таа идеја да добие форма и живот.
Како сонувачка со широко отворени очи и со нозе цврсто на земја, верата е храброста да тргнам, надежта е погледот што и понатаму го насочувам напред, а љубовта е начинот на кој го живеам она што сум го избрала.
И како заклучок, но не и завршница, како жена која повторно почнува, во себе ги носам сите нив: девојката, сестрата, пријателката, сопругата, мајката, жената, професионалецот, преведувачката, раскажувачката, патничката, спортистката, претприемачката, креаторката и сонувачката.
Ниту една од нив не останала сама за себе, или некаде зад мене. Секоја оставила нешто во жената што сум денес.
Можеби токму затоа повторното почнување за мене има поинакво значење. Тргнувам со верата што сум ја градела по сите досегашни патишта, со надежта која и денес ме тера да погледнам малку подалеку од она што е пред мене и со љубовта кон животот што сум го живеела и што го живеам.
За мене, токму тука се среќаваат сите мои улоги: во верата, надежта и љубовта.
Во една жена во движење која не застанува: онаа што сум била, таа што сум и онаа што допрва станувам.
ВЕРА, НАДЕЖ и ЉУБОВ – сè што ни треба.
Кога ќе се погледнеш низ сопствениот живот, каде ТИ ги препознаваш верата, надежта и љубовта?
До следното читање
Сунчица





