Blog Content

Home – Blog Content

Природна или вештачка интелигенција…

Веќе подолго време улогата на вештачката интелигенција во нашите животи е актуелна тема. Таа стана толку достапна што секојдневно сме преплавени со содржини создадени со нејзина помош. Полека и сигурно престанува да биде нешто необично и станува нормален дел од нашето секојдневие.

Ставовите за нејзината примена се различни, но едно е сигурно: веќе не е прашање дали ќе стане дел од нашиот живот. Таа веќе реално е дел од него.

Тоа можеме да го припишеме на цивилизацискиот напредок. Како и секоја голема технолошка новина низ историјата, така и оваа отвора бројни дебати и дискусии. Но речиси сите тие разговори се вртат околу можностите и улогата на технологијата.  Ама никаде не слушнав каде е во сето тоа човекот?

Каква е неговата улога во тој напредок?

Отсекогаш сум ги сакала научно-фантастичните филмови и секогаш ме фасцинирала технологијата и идеите прикажани во нив, но и позицијата и улогата на човекот во приказната која се раскажува низ филмот.

Токму затоа, сакам да бидам во тек со новините и напредокот на технологијата, и да следам што се случува во светот, па не можев да останам имуна при спомнувањето на еден интересен термин, тоа е зборот „сингуларитет“. Прво, ми беше чудно што се користи и се споменува, особено затоа што не е предмет на секојдневни дебати, бидејќи сам по себе, самиот збор е технички и несекојдневен. Тој им е најблизок на оние што зборуваат за напредокот на технологијата и ја гледаат низ призмата на научната визија за иднината на светот.

Употребата на поимот „сингуларитет“ ме заинтригира најмногу заради неговото значење, односно за тоа како се толкува. Токму под овој поим најчесто се подразбира хипотетички момент во кој вештачката интелигенција ќе го надмине човечкото ниво на интелигенција и ќе може самостојно да се унапредува, создавајќи толку брзи промени што ќе биде тешко да се предвидат нивните последици. Ова толкување ми прозвучи како да стануваме едно со сценографијата на некој од научно-фантастичните филмови кои сме ги гледале во 70те и 80те години, но овојпат како директни актери.

Со оглед на тоа што ова е навистина актуелна тема, продолжив да читам, па како и секогаш, кога се работи за вакви теми, ги видов и бројните реакции на сите „авторитети“ во индустријата, секој со свој поглед и свое разбирање.

Некои од нив велеа дека ние веќе живееме во сингуларитет. Други спореа дека тоа е претерана изјава, затоа што сè уште не сме стигнале до моментот кога вештачката интелигенција ќе се развива самостојно, без човечка интервенција.

А трети пак  сметаа дека воопшто не е важно како ќе го наречеме тоа. Според нив, многу поважно е темпото со кое се менува светот.

Цело време додека ги читав сите тие технолошки и деловни мислења и толкувања, ме копкаше нешто, имав впечаток дека нешто суштинско недостасува во целата таа дискусија. Да, токму тоа ми недостасува, всушност тоа е многу конкретно прашање: што значи сето тоа за човекот, во оваа реалност, во сегашноста?

Да не претерувам, но навистина сметам дека тоа е нешто што нè засега сите, и дека не сме актери во сценографија од научно-фанатастичен филм, туку го живееме во реалноста, секојдневно. А тука во оваа реалност, дефинитивно човекот заслужува многу повеќе внимание од самата технологија.

Во тој контекст, во последните неколку години речиси постојано се зборува за напредокот на вештачката интелигенција, со посебен акцент на тоа што сè таа ќе може да прави. Секојдневно сме сведоци дека веќе не само што се зборува за тоа, туку и се практикува, па така имаме вештачка интелигенција која пишува текстови, анализира податоци, програмира, создава слики, музика и видеа, а веќе во напредна фаза е и автоматизацијата на работни и производни процеси што до вчера бараа човечки ангажман.

И навистина ми доаѓа да се запрашам, кога веќе толку многу работи може да извршува вештачката интелигенција, што ли му останува на човекот да сработи?

Ако веќе толку ја унапредивме вештачката интелигенција, дали ќе остане нешто навистина вредно за човекот кај човекот?

Напредокот на технологијата влијае на сè, и тоа не доведе и до промена на личните и општествените перцепции и разбирање на работите. Сведоци сме како она што сме го знаеле и ни било појдовна вредност неповратно се променило, а не сме ни почувствувале дека се менува.

Долго време живеевме со уверувањето дека информацијата е најголемата моќ.

Потоа дојде интернетот и сфативме дека пристапот до информацијата е уште поголема моќ.

И така стигнуваме до денес, кога живееме во време кога информацијата во форма на содржина е практично неограничена. Толку е достапна што понекогаш токму нејзиното изобилство создава конфузија наместо разбирање. И тоа го прави многу лесно, ненаметливо, незабележливо од прва, со суптилно силно влијание на вниманието, а со тоа и на свеста, а потоа и на разбирањето на светот, создавањето лични вредности и на личните избори.

Конкретно, пред неколку дена се задржав на една објава затоа што темата ми го привлече вниманието. Кога продолжив понатаму, следната објава обработуваше слична тема. Потоа уште една. И уште една. Секоја додаваше нов аспект, нова информација или отвораше ново прашање.

Во еден момент стигнав до заклучок дека дефинитивно вреди подлабоко да ја истражам темата. Самото разгледување ми отвори неколку нови правци за размислување на кои претходно воопшто не сум обрнала внимание, а биле таму.

И токму тогаш се сепнав. Го погледнав часовникот и видов дека пред екранот сум поминала многу повеќе време отколку што планирав.

Тој момент ме освести и сфатив  дека алгоритмите кои се вградени во социјалните медиуми навистина функционираат извонредно. Нивната основна задача е да го задржат моето внимание што е можно подолго, се разбира. А тоа не е толку безопасно, па ме замисли и ме доведе во дилема: дали алгоритмите се тука да нè направат „попаметни“ или само да нè задржуваат подолго во потокот од информации во форма на содржини?

Е, ова сознание навистина ме натера да се вратам наназад, поточно на она што мене ми се случи. Како ревизија на сцена од научно-фантастичен филм, увидов дека секоја следна објава што ја отворав само ја надградуваше информацијата што ја читав во претходната. Во тој поток на информации ми покажуваше уште еден аспект, уште едно мислење, ми даваше уште еден извор. Гледајќи го моето искуство од оваа перспектива, се замислив и се запрашав: дали додека бев во тој поток на информации, потрагата по информацијата ја водев јас или алгоритамот беше тој што ми го краде и ми го води вниманието?

Оттогаш многу почесто се набљудувам себеси кога читам информации, знам дека живеам во оваа реалност, сега и тука. Сега веќе јасно забележувам колку е лесно да ни се пренасочи вниманието без воопшто да станеме свесни за тоа. Тука ми стана навистина многу јасно дека ако немаме јасно определена намера што бараме, лесно можеме да останеме многу подолго во потокот на информации отколку што сме планирале. Истовремено, ако ја погледнеме пак другата страна, кога знаеме точно што бараме, истите тие алгоритми можат да ни помогнат да откриеме нови идеи, нови луѓе или да нè одведат во нови правци за размислување.

И стигнав до тоа самата да си одговорам на моето прашање кој ја води потрагата по информација. А тоа е дека многу поважно од тоа како функционира алгоритамот е дали јас останувам свесна каде го насочувам сопственото внимание и свесно ги користам функциите на алгоритмите за пристап до потребните информации.

Тоа е најголемиот предизвик, да бидеме свесни за сопствените дејства, да знаеме каде ни оди вниманието. Човечки.

Зборувајќи за информациите, нивната форма, достапност и количина, увидов дека постојат суштински разлики во пристапот и работата со нив. Не се работи за кодови или некое неразбирливо писмо, туку многу едноставно нашето занемарување на значењето и суштината на она што е пред нас. Па така многу често, тоа што имаме одредена информација го поистоветуваме со знаење, а факт е дека информација не е исто што и знаење.

Исто како што знаењето не е исто што и вештина.

Вештината не е исто што и мудрост, а мудроста со сигурност не е исто што и човечност.

Секоја од овие категории си има свое конкретно значење и вистинска вредност.

Информацијата е факт.

Знаењето е разбирање на тој факт.

Вештината е способност тоа знаење да се примени.

Мудроста е способност да се препознае кога, како и дали воопшто треба да се примени.

Човечноста е свеста дека секоја одлука носи одговорност и може да има последици врз друг човек.

И овие категории не постојат одделно. Тие природно се надоврзуваат една на друга и само кога се заедно создаваат целина.

И уште нешто, овде веќе зборуваме за човекот и особено за свеста, поточно свесноста, бидејќи сите овие категории се составен дел од човечките особености и се дел од човековиот раст и развој, а не некој напреден свет во кој некоја напредна технологија го води животот.

Кога веќе моето размислувањето ме поведе во таа насока, ми стана уште појасно дека не само што не можеме, туку и неприродно е да зборуваме за развојот на вештачката интелигенција, а притоа да не зборуваме и за развојот на човекот, на човечката свест.

Се разбира дека живееме во динамично време кога главно мерило се брзината, видливоста и потребата веднаш да се произведе информација, содржина или резултат. Тоа некако стана механичко, но истовремено тоа придонесува сè почесто да се игнорираат и потиснуваат токму мудроста и човечноста. Можеби токму затоа треба да внимаваме на нив, да прифатиме дека се многу важни, многу човечки и бидејќи тие стануваат сè повредни.

Факт е дека вештачката интелигенција денес може за многу кратко време да создаде огромен број реченици, но исто така факт е и дека таа не може сама да одлучи што е одговорно да се каже.

И како во таков контекст може да разговараме и да ставаме приоритет само на развојот на вештачката интелигенција кога таа не може да преземе морална одговорност?

Таа не може ниту да ја почувствува тежината на зборот што го напишала и кој може да промени нечиј живот, а најмалку може да ја понесе одговорноста за последиците кои може да ги предизвика.

Несоборлив факт е дека сето тоа, сакале да прифатиме или не,  и понатаму останува вистински и единствено човекова задача.

Да, колку повеќе зборувам за оваа тема, сè повеќе сум уверена дека можеби во сите тие дебати и разговори за напредокот на технологијата и особено вештачката интелигенција, сè уште не сме стигнале да го поставиме вистинското прашање кога се прашуваме дали вештачката интелигенција ќе го замени човекот. А тоа е дали човекот ќе сфати дека е поважно свесно да продолжи да ги развива и надградува оние човечки квалитети што ниту една технологија не може да ги живее? Еве, да наведам само некои од нив: емпатија, одговорност, интегритет, критичко размислување и способноста да се каже: „Не знам доволно за да донесам заклучок.“, а ќе се согласите дека има уште многу повеќе.

Факт е дека технологијата несопирливо напредува, и тоа веќе не во години, туку во секунди. Изгледа како сцените од научно-фантастичните филмови да се тука, сега. Но дали вештачката интелигенција, како што ја имаме денес, навистина сè ќе работи сама? Зарем не е човекот тој што ќе ја управува и ќе ѝ дава задачи, па заедно ќе ја извршуваат работата надополнувајќи се?

Впрочем тука е и најголемата иронија и парадокс кој го гледаме во новата ера, во овој XXI век – колку повеќе вештачката интелигенција и машините ќе стануваат поинтелигентни, толку поважна ќе стане и човечката зрелост. Оттука и можеби не е најважно прашањето колку „интелигентна“ ќе стане вештачката интелигенција, туку дали човекот ќе продолжи свесно да ги развива квалитетите поради кои вреди да остане незаменлив?

Одговорите се тука, јасни се за човештвото. Низ историјата, технологијата отсекогаш одела напред, а ние како човештво сме се прилагодувале, сме се надградувале. Сегашното време не е исклучок, па нашата цел логично би требало да ја поставиме така да останеме достојни за светот што сами го создаваме, без притоа да се натпреваруваме со технологијата. Тоа значи само едно – додека таа напредува, ние свесно да се надградуваме како човечки суштества.

Јас верувам во вредноста на човекот во овој напредок на вештачката интелигенција. Сметам дека ние, како човечки суштества, треба да созреваме и да се унапредуваме паралелно со унапредувањето на технологијата.

И јас веќе се определив – го следам напредокот на технологијата и учам како најдобро да ги користам новите технологии и алатки за да ја унапредам својата работа, притоа постојано надградувајќи се себеси.

Но темата е актуелна – вештачка интелигенција наспроти човекот, или вештачката интелигенција и човекот? Вреди да се замислиме, нели?

До следното читање,

Сунчица