Blog Content

Home – Blog Content

40 минути што ме натераа да ја видам промената

Како можат 40 минути да ти покажат промена? Каква промена? Зошто баш 40 минути?

Отворам очи и воздивнувам. Започнува нов ден, нова работна недела. Ги започнувам утринските рутини. Сè е исто, но јас се чувствувам некако поинаку.

Дали доволно спиев? Дали доволно се одморија моето физичко тело и ум? „Да“ – скоро во еден глас одговорија и телото и умот.

Ама јас пак чувствувам дека нешто е различно и продолжувам со мојата утринска рутина. Во меѓувреме правам мал прекин за да средам нешто што итно бара интервенција од мене, а потоа се враќам на рутината, како ништо да не било.

Оваа моја рутина си има и своја временска рамка. Не погледнувам постојано на часовникот, туку едноставно си го следам вообичаениот ритам. Но овојпат, не знам зошто, погледот ми се сврте кон часовникот.

Застанав занемена.

Првата помисла ми беше: зарем времето застанало?

Мојот ум веднаш се активираше и го „премота“ филмот од утринската рутина, заедно со непланираната интервенција. Сè беше како што треба. Дури ни интервенцијата не беше нешто што првпат ми се случува да го вметнам во утринската рутина.

Чекор по чекор ги набројувам активностите, приближното време што вообичаено ми е потребно за секоја од нив, ритамот, динамиката, плус времето за непланираната обврска.

Не се совпаѓа со она што го гледам на часовникот.

Според сè што направив, часовникот требаше да покажува време многу поблиску до моментот кога треба да почнам да се подготвувам за работа.

А до тој момент има уште речиси 40 минути!

Да не не е нешто во ред со часовникот?

Го погледнувам телефонот – истото време. Го отворам компјутерот, чекам да се подигне системот – и таму истото.

Се вртам околу себе. Околината е таа. Ништо не е сменето.

Седнав. Воздивнав длабоко и се обидов да го испразнам умот од сите „теории на заговор“ и рационално да го погледнам овој мој мал утрински колапс на времето.

И започнав со прашања за имагинарен разговор, се разбира.

Колку време ја следиш оваа рутина?

Хм.. последните промени ги внесов пред околу два месеци.

Какви промени?

Сменив три од претходните вежби, поточно ги прилагодив за да обезбедам подобар проток на енергијата. Ах, да! Воведов и построго следење и контрола на дишењето при изведувањето на вежбите.

Дали ги практикуваш доследно, по истиот редослед?

Да, начелно. Понекогаш има нешто итно што бара интервенција, но потоа се враќам на ритамот.

Дали има промени во твојата секојдневна рутина?

Генерално, не. Секојдневието секогаш има различна динамика, но утринската рутина ја поставува мојата подготовка за сè што ме чека во текот на денот – планирано и непланирано.

И тогаш дојде прашањето:

Дали има промени кај тебе? Во тебе?

Дали си посмирена или поексплозивна? Поенергична или потромава? Дали си усогласена со себе или ја следиш динамиката околу тебе?

Ова ме натера да застанам.

Го вратив филмот малку подалеку од тоа утро.

И сфатив дека веќе околу еден месец мојот генерален став и држење се поинакви.

Моето дишење е поинакво – стабилно, смирено. Мојата присутност во моментот е поголема. Енергијата ми е континуирано на солидно ниво и ја трошам порационално. Ништо особено не ме вознемирува. Смирено ги примам информациите, задачите и барањата и ги реализирам брзо, ефикасно, рационално.

Спокојно.

И тогаш – ААААААААА!

Се почувствував како да сум ја открила Америка.

Не застанало времето.

Јас сум се променила.

Новата рутина од пред два месеци ме „поместила“. Три изменети вежби. Поголемо внимание на дишењето. Поголема свесност при нивното изведување.

Мали промени.

А јас воопшто не сум забележала колкава промена постепено предизвикуваат во мене.

Всушност, очекував промени кога ја менував рутината, но не вакви. И особено не очекував дека еден ден ќе ги забележам вака – на часовникот, со впечатлива разлика од дури 40 минути.

Тогаш сфатив уште нешто: последниов месец речиси секое утро имав малку повеќе време за да се подготвам за работа. Го забележував резултатот, но не ја препознавав промената што го создала тој вишок време.

И баш ова утро станав свесна колку голема промена може да започне од нешто навидум многу мало.

Често кога зборуваме за промени мислиме на големи животни настани. Нова работа. Ново место. Нови околности. Нови луѓе. Дека нешто крупно треба да се случи за и ние да се промениме.

Но дали е навистина така?

Голема промена во околностите не мора да предизвика голема промена во нас. Можеме да смениме многу нешта околу себе, а во суштина да продолжиме да функционираме на истиот начин.

А понекогаш е доволна една мала, свесно избрана промена, која доследно ја повторуваме, за постепено да започне да менува нешто многу поголемо во нас.

Толку постепено што можеби нема ни да забележиме кога се случило.

Секоја околност, настан, средба, разговор или движење може да влијае врз нас. Но не е секоја промена околу нас – наша промена.

Некои промени едноставно ни се случуваат.

Други ги избираме.

А некои од оние што ги избираме изгледаат толку мали што не ни помислуваме колку далеку можат да нè однесат.

Живееме во свет кој постојано се менува. Динамиката е огромна, а неизвесноста стана речиси дел од секојдневието. Не можеме да ја контролираме секоја промена што доаѓа однадвор.

Но можеме да бидеме свесни за малите промени што ги правиме самите.

Можеме да избереме што ќе промениме. Да набљудуваме што таа промена создава во нас. Да го задржиме она што нè надградува. Да го промениме она што не ни служи.

И да останеме отворени за можноста дека понекогаш токму најмалата промена може да нè однесе најдалеку.

Драги мои, промената не е идеја. Промената е факт.

Но можеби вистинското прашање не е дали ќе се менуваме. Ќе се менуваме.

Прашањето е колку свесно ќе учествуваме во сопствената промена.

Мене утрово ми беа потребни само еден часовник и 40 неочекувани минути за да го разберам тоа.

А вие? Која мала промена сте ја направиле, а дури подоцна сте сфатиле колку многу ве променила?

Добредојдовте во првиот ден од последната работна недела на јули 2026 година.

До следното читање,

Сунчица