Blog Content

Home – Blog Content

ДЕКОНУС стана полнолетен! 18 години.

ДЕКОНУС стана полнолетен! 18 години.

Пред 18 години тоа беше храбра одлука и почеток на претприемничка авантура.

На 3 септември 2008 година беше основан ДЕКОНУС ДООЕЛ Скопје. Тогаш се изјаснив дека сум претприемачка, а искрено – не сум сигурна дека воопшто знаев што сè значи тоа.

Денес, 18 години подоцна, во портфолиото на ДЕКОНУС запишувам многу различни професионални искуства, соработки, проекти и иницијативи.

Меѓу нив е „Треил трка за вино и љубов“, која следната година ќе го има своето јубилејно, петто издание.

Тука е и „Жена во движење“ – иницирана како платформа за раст и развој на жените, со првиот реализиран настан во јуни годинава и со многу простор за нејзиниот иден развој.

Да ги споменам и текстовите објавени на веб-страницата на ДЕКОНУС – блог простор во кој професионалното и животното искуство сè повеќе го претворам во пишан збор.

А низ сите овие години се реализираа договори и соработки за најразлични консултантски и професионални услуги: организација на средби, настани и патувања, подготовка на проектна документација, советодавни услуги за организациски развој со посебен фокус на луѓето во организациите, управување со промени, преведувачки услуги, техничка проектна поддршка, како и обуки за комуникација и меѓусебно разбирање.

Но портфолиото на ДЕКОНУС не застанува тука.

Тоа расте и се развива постојано.

Ако во далечната 2008 година се изјаснив дека сум претприемачка, а не знаев сосема што значи тоа, низ овие 18 години научив многу за претприемништвото, минувајќи низ сите предизвици на кои наидов попатно.

А можеби најмногу научив за самата себе и особено за значењето на личниот раст и развој. И секако, за луѓето што ги среќаваме по патот, за познанствата, пријателствата и соработките. Голем дел од нив остануваат, но со некои патиштата во еден момент се разделуваат со потенцијал повторно еден ден да се поврзат.

Благодарна сум што животот ми овозможи да патувам низ различни професии, различни места и различни средини. Денес со гордост можам да кажам дека секое од тие искуства оставило свој белег во создавањето на личноста која сум денес, и деловно и приватно, а секако и во она што денес е ДЕКОНУС.

На 18 години започнува зрелоста.

Затоа верувам дека и за ДЕКОНУС започнува нов период – период во кој започнатите иницијативи ќе созреваат, ќе ја добиваат потребната стабилност и ќе прераснуваат во одржливи приказни.

А патот кон нови идеи, иновативност и развој продолжува.

18 години ДЕКОНУС.
Од претприемничка авантура до зрелост.
И приказната продолжува.

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *