42.195 метарски танц на душата и телото низ Берлин
Соништата се остваруваат. Не само што верувам – јас го живеам тоа. Моето учество на Берлинскиот маратон годинава, медалот и официјално потврденото време на преминување на целната линија се доказ за тоа.
Ова не е нешто што сум го замислувала или посакувала цел живот. Оваа желба, овој сон се роди кога навлегов малку подлабоко во атлетиката и посебно во трчањето. Ја согледав вистинската разлика помеѓу професионалното и аматерското трчање. Посебно ме привлекоа и ме заинтересираа можностите за повозрасните кои активно се занимаваат со спортски активности, особено со трчање. Тогаш го открив и медалот со 6 ѕвезди кој значи успешно завршување на шест маратони кои се најпрестижни – Лондон, Токио, Берлин, Њујорк, Бостон и Чикаго.
Тогаш првпат ми се јави мислата – „Јас сакам да го добијам овој медал со 6 ѕвезди“. „Ама тоа значи дека ќе треба да трчаш маратон“ – ми рече она тивко гласче во умот со намера да ме поколеба -„ќе можеш ли?“ „Јас знам дека можам.“- излезе некаде од длабочината на умот и ги избрка сите сомнежи за тоа дали јас можам. Така овој сон за медалот со 6 ѕвезди се вгнезди во мојот ум и почна да ми се врти низ глава уште од 2022 година. Тогаш не сфатив што всушност значи и како се стигнува до учество на еден од тие маратони, но научив и почнав да се пријавувам за учество преку лотариите. Да, не ми беше пријатно кога ќе добиев меил со жалење дека не сум селектирана, но тоа не ме поколеба.
Првата потврда дека соништата се остваруваат ако се доволно јасни и посакувани е потврдата и кодот за регистрација што го добив од Берлинскиот маратон во февруари годинава. Без двоумење се регистрирав и знаев, моето патување за остварување на мојот сон се отвора и дебито ќе биде на 21 септември 2025 година во Берлин.
Денес гордо изјавувам дека Јас, со име и презиме веќе сум во сите официјални списоци кои се архивираат од завршениот Берлински маратон 2025. И сакам себеси да си честитам и да си потврдам дека првата ѕвезда е веќе на своето место. Кога ќе стигнат другите? Не се брзам. Сѐ во свое време. Само знам дека магијата на маратоните и маратонското трчање е веќе тука. А јас сум дел од неа.
Мартонот е посебна категорија на трчање, како и животот. Дали е потребна подготовка? Секако. И не само физичка, туку и ментална. И најважно од сѐ, не си го поставуваш прашањето дали ќе го истрчам според планот, туку си потврдуваш дека ќе го завршиш.
Барем тоа е мојата логика и мојот пат. Маратонот не е само трчање, тоа е патување. Од стартот до финишот има 42.195 метри. Ниту еден сантиметар, ниту еден чекор во тој метар не е идентичен со претходниот. Уште помалку дека личноста од претходниот чекор е иста со личноста во овој и уште помалку со личноста од следниот.
Ова не беше мој прв маратон, но секако засега ми е најважниот затоа што е еден од 7-те (од оваа година) најголеми и најважни маратони.
Стартував со возбуда и единствена цел – да го завршам. А потоа, трчајќи низ Берлинските улици, сфатив дека сакам да уживам и да го доживеам секој чекор. Си дозволив да бидам присутна и со тело и со ум во секој момент на секој метар. И тоа ми донесе радост во секој чекор. Не ми беше важна брзината, ми беше важно да ја почувствувам целата атмосфера. Сакав да го почувствувам секој момент во кој од сите страни доаѓаа аплаузи и бодрења славејќи го трчањето. И за себе, си дозволив трчањето да ми биде уникатно туристичко запознавање на градот Берлин. По целата должина на патеката имаше најразлични видови на музичка поддршка, од оркестри, бендови, групи, музички здруженија до индивидуални преносни звучници на тротоарите, во дворовите, или од терасите на зградите. Како што напишав погоре, јас буквално го доживеав Берлинскиот маратон како танц на душата и телото.
Влегувањето во целта, добивањето на одличјето, медалот, е магично чувство, и сведоштво за неверојтното патување долго 42.195 метри низ улиците на Берлин. Кога го видов моето постигнато време за пристигнување до целта, просто не можев да им поверувам на своите очи. Како што реков, брзината не ми беше важна, целта ми беше само да го завршам. Моето постигнато време кое покажува точно 6:00:00 е просто неверојатна бројка. Не верувам дека дури и најпрецизниот планер или часовничар би успеал да го подеси до секунда и стотинка. Ова е уште една потврда дека храбрата одлука за прифаќање и реализирање на предизвикот е можна и реално остварлива.
Чувствувам неописива гордост што можам да си речам I AM #BERLINLEGEND. Еве, повторно си потврдувам и себе си дека навистина соништата се остваруваат.
Возрастa не е пречка, само соништа кои не се осмелуваме да ги сонуваме. А јас веќе сум на патот – и не застанувам.
До следното читање,
Сунчица, I AM #BERLINLEGEND





