Blog Content

Home – Blog Content

ЈАС не се вклопува. И тоа е во ред.

Лидерството не започнува со позиција. Започнува со тоа да останеш своja.

Пролет е. Природата се буди. Се будат и сеќавањата, најубавите… на детството. Силни, мотивирачки и инспиративни, а во исто време застрашувачки. Прелетува низ глава и по некое неубаво чувство, но и тоа е дел од животот. Знам дека телото и умот запомниле се, оти понекогаш, ми се случува рефлексно да реагирам на нешто и тоа ме збунува, па мојата реакција знае да ми предизвика моментален немир, забуна и стрес.  

Што всушност се случува со мене, во мене?

Личното ЈАС постои отсекогаш, тоа се формира уште од нашиот зачеток во утробата на мајката, и зборува најгласно. Рефлексните реакции, споменати погоре, се вгнездиле во умот во моментите  кога ЈАС реагирало онака како што му доаѓало, природно, инстинктивно, но околината сметала дека не кореспондира со воспоставените правила. Секако, тоа што е надвор од „правилата на животот“ треба да се оневозможи и уништи веднаш, па за му го укаже тоа , ЈАС е казнет. ЈАС сеуште не ги знае правилата и нормите во средината во која се наоѓа. Единственото нешто што го знае е она што му доаѓа исконски, однатре. Ова што го добива однадвор, како казна во почетокот, не му изгледа прифатливо, го тера да се буни. Тоа предизвикува дополнителен притисок  и казна бидејќи е неприфатливо за средината.

И така, ЈАС, по линија на помал отпор, најчесто без да разбере и сфати зошто го казнуваат или игнорираат, почнува да се прилагодува на она што доаѓа однадвор. Тоа не значи дека ЈАС целосно го прифаќа тоа надворешно како начин на постоење. Тоа значи дека „учи“ како да егзистира усогласено со средината.

За себе, можам да кажам само едно, моето ЈАС отсекогаш ме боцкало однатре и не ми давало мир. Секогаш ме терало да одам „со глава во ѕид“. Не дека денес не се соочувам со рефлексните реакции базирани на чувства од тоа време, но ЈАС е доволно свесно да ги види, коригира и соодветно да одговари на ситуацијата.

И ден денес не можам да прифатам многу нешта што општетството, средината  и културата на живеење ги наметнуваат, но барем се обидувам да останам повеќе верна на своето ЈАС.

Искуствата стекнати во секој момент кога ЈАС било искажувано директно и предизвикувало најразлични последични реакции, кога сум паѓала, и повторно сум станувала да продолжам, денес само ми го зајакнуваат чувството дека постапка без одговорност за последиците е најлошата човечка особина.

Откако паметам за себе, секогаш сум била таа што покренува нешто, но истовремено и одговара за последиците. Не ми било важно дали се добри за сите или пак се несоодветни, според стандардите за средината во која живеев, се разбира. Моето ЈАС, според своите уверувања и ставови, секогаш застануваше во првите борбени редови, секогаш прво тргнуваше, секогаш имаше амбиција да биде најгласно, секогаш беше најборбено.. никогаш со намера или со цел, туку само ЈАС гладно за нешто ново, желно да го види следното ниво, следната можност да проба нешто ново, или силен поттик да си докаже дека може.

Несвесно, наивно, искрено! Таквото однесување и постоење на моето ЈАС ги терало другите ЈАС од мојата околина да се угледуваат на мене, или да ми завидуваат, да се обидуваат да ме достигнат и надминат или да ме негираат, да го прават тоа што јас го правам или да го поништат тоа што го правам.

Се разбира, не сме сите исти, ниту пак со исти способности, капацитети, но тоа што го носи моето ЈАС низ сите години и животни искуства е секогаш искрата однатре која сака да направи нешто ново, нешто поинакво, нешто поразлично, а сепак природно, разумно, приземно, нормално. Тоа дава резултати.

Околината го гледа тоа и го посакува за себе, или се обидува да го згасне.

Зарем тоа не е основата која го дефинира лидерството?

ЈАС не треба да вика и постојано да укажува, доволно е да биде секогаш присутно и да делува. Дејството и акцијата зборуваат погласно од зборовите, а присуството се чувствува посилно од самиот воздух кој не опкружува .

Да водиш, значи да умееш, да разбираш, да почитуваш, да споделуваш и да бидеш одговорен за сопствените постапки.

Да, водството не е лесно, ниту едноставно. Тоа не се стекнува со именување или со давање задача. Тоа се создава, се гради и се учи низ искуство.

Колку повеќе искушенија на патот, толку повеќе стекнати вештини низ нивното совладување. Колку повеќе вештини и искуства, толку поголемо знаење, а сето заедно создава моќ која зрачи силно однатре и ништо, и никој, не може да ја затемни, освен, се разбира, ЈАС. И тоа кога од некоја незацелена лузна, од најраните години, ќе искрсне болно чувство кое ќе ја разниша за момент сигурноста на ЈАС. И само миг потоа, денешново ЈАС самоуверено да одговори: БЛАГОДАРАМ што ме потсетуваш која сум и која сум била отсекогаш!

Да, јас знам која сум. А ти?

До следното читање,

Сунчица

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

en_USEnglish