Постојат моменти во животот кога чувствувам дека сум најжива – кога сè во мене пулсира со целосна будност и свесност. Тоа се оние моменти кога телото ми е исцрпено, чинам до крајни граници, а умот остар. И тогаш немам простор за двоумење, туку само за присуство, сега и овде. И пред некој ден, во еден таков момент, како на празна табла ми се испиша едно длабоко, но вистинито спознание:јас ги сакам предизвиците што бараат психофизичка будност. Ги сакам ситуациите во кои телото ми бара издржливост, дури и не размислувам дали телото реално може, а умот ми служи како најпрецизен навигатор – рационален, јасен, непоколеблив. Во такви моменти и особено состојби, во мене се буди нешто исконско. Не знам дали е тоа вродена сигурност во себе и сопствеите капацитети, инстинкт за преживување, или нешто уште подлабоко – нешто што доаѓа од векови тишина. Можеби токму во тие моменти, кога сум на работ на таков напор, јас станувам најблиску до мојата суштина, до она што навистина сум јас. Научно е докажано дека токму во екстремни ситуации, човечкото битие активира механизми што инаку би останале заспани, ими можеби се само дремливи. Телото си знае. Умот рационално следи. Сетилата максимално се на „готовс“, што би рекле во детски жаргон. Информациите се слеваат како брза река. Просторот и времето се прилагодуваат, се шират и се собираат. Се отвора една внатрешна врата низ која се препознавам себеси, но поинаку – во тие моменти јас сум интуитивно, подготвено, и целосно присутно битие. Многумина денес, на различни начини, се изложуваат на секакви предизвици – некои преку спорт, други преку патувања, некои преку доброволно преминување на свои граници. Секој таков потфат некогаш се граничи со луда храброст. Понекогаш тоа го нарекуваме личен развој. Понекогаш – потрага по себе. Но сите тие такви искуства имаат едно нешто заедничко: тие не’ враќаат во телото. Во сега. Во прашањето – „Која или кој сум јас кога нема простор за маски?“ А од другата страна, во секојдневието, се случува спротивното: врз основа на околностите и ситуациите нашиот ум постојано му сервира на телото чувство дека е загрозено – дури и во најобични ситуации. Сообраќајна гужва, порака без одговор, туѓо мислење, ситна забележка, неодмерен збор, мала критика – и ние веќе сме во „паника“, се вклучуваат механизмите кои буквално вриштата и сигнализираат како да се работи за прашање на живот и смрт. Создаваме внатрешен аларм таму каде што нема реална опасност. И тука е предизвикот со кој никако да се соочиме – речиси никогаш не се прашуваме што научивме од тие „лажни аларми“, туку откако ќе поминат ги игнорираме и ги третираме како нормалност. И така, несвесно, стануваме заробеници на сопствениот одбранбен систем. И ретко, да не речам никогаш, не зборуваме за тивките херојства. Оние кои ни се секојдневие, а не ја рабираме и не ја сфаќаме нивната големина.Еве некои од тие премолчани ситуации на вистински херојства: жената која раѓа нов живот, додека телото ѝ минува низ граници што науката едвај ги разбира; мајката која останува смирена додека нејзиното дете е во опасност. Тоа е таа древна сила што не доаѓа со врева, туку со целосна мобилизација на љубовта, инстинктот и подготвеноста. И да, навистина телото знае. И тука доаѓа најважното прашање:Кога ќе ги препознаеме тие моменти во себе – дали умееме да ги сублимираме, да извлечеме поука од нив за да знаеме како да ги искористиме?Дали умееме да изградиме од нив еден нов, свесен, јасен поглед на сопственото битисување и да си живееме убав живот? Живот што нè исполнува. Живот што ја храни нашата душа, живот во кој кога ќе речеш Јас навистина значи Јас.Живот кој го споделуваме и им го даруваме на оние што најмногу ги сакаме. Телото знае.Прашаето е – дали ние знаеме да го слушаме?
4 Мај: Ден на сеќавање и саморефлексија
Денес е 4 мај, ден кој во мене буди сеќавања, а најгласни денес се оние што се однесуваат на двајцата великани во историјата: Гоце Делчев и Јосип Броз Тито. Двајца различни по време во кое живеат, околности и мисија, но во мојата перцепција обединети во еден заеднички стремеж – слобода, достоинство, заедништво. Гоце Делчев бил учител, револуционер, визионер. Човек кому му се припишува мислата:„Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар на народите.“. Изјава која за мене е длабока филозофија за иднината на човештвото: свет кој се базира на почит, разбирање, етика, достоинствено постоење на секој народ и на секој човек. Јосип Броз Тито и денес е симболот на антифашизмот, на идејата за братство и единство на народите и народностите во Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ). Концептот на СФРЈ беше обид за создавање на праведно општество, базирано на вредности каде идеалот беше секој да придонесува според можностите, а да зема според потребите. Замислена беше како заедница што расте и се развива преку заедничка грижа, солидарност, хуманост, разбирање и поддршка. Но денес…Во свет каде што сè ни е достапно, каде што живееме „поврзани“, дали навистина сме поблиску до некаков похуман, подостоинствен живот?Дали го гледаме другиот, или само себе? Дали навистина веруваме во заедништво, во општество, или веќе одамна живееме рутински? Мојот личен став е јасен, за мене свесноста не е луксуз, туку лична обврска.Општествениот ангажман не треба да биде професија, туку природен дел од секој свесен човек, од секој поединец во заедницата. А сè почесто сме сведоци дека дури и најосновните гестови на грижа, добрина, човечност или лична одговорност се перцепираат како наметната должност или како „услуги“ – нешто што мора да се наплати, да се продава. Зошто го прифативме консумеризмот како темел на нашите животи, на нашето секојдневие?И уште пострашно – зошто дозволивме да ни ја узурпира личната слобода, да не управува, да ни диктира вредности, избори, идентитет? Знам дека ова е комплексно прашање кое нема едноставен одговор, ниту пак одговорoт може да дојде од поединецот, или од мене. Но верувам дека решението започнува токму тука – во мене, во секој од нас, во поединецот што се осмелува да праша, да се преиспита, да дејствува. Нека овој 4 мај биде потсетник дека не ни треба многу за да бидеме среќни, и најмалку ни треба нова револуција со оружје, но секако насушно ни треба револуција на умот, на духот, на доблеста, на човечноста. Да бидеме поблиску еден до друг, да создаваме заедници во кои поединецот не се мери според профит, туку според интегритет и лични квалитети.Да бидеме свои, секој од нас нека го пронајде гласот кој ја поттикнува свесноста, ја презема одговорноста и се води според вистинските човечки вредности. До следното читање, Сунчица
Велигден и интимноста на душата
Во време кога сè се споделува, кога се брои секој лајк, кога луѓето ја мерат блискоста со бројот на реакции, останува едно прашање што одамна ме преокупира: Каде е интимноста? Каде е она лично, тивко, недопирливо, што постои само за нас и за оние најблиски? Сè почесто сведочиме како големи празници, особено религиските, стануваат повод за масовни објави. Се редат фотографии, цитати, благослови. И сè е тоа во ред – сè додека доаѓа од вистинско место. Но она што ме замислува е кога таквите гестови се претвораат во натпревар: кој ќе објави порано, поубаво, покреативно. Празникот, кој треба да биде момент на внатрешна светлина, мир и поврзаност со себе, со својата вера или духовност и со најблиските, сè повеќе се изложува на светло кое не топли – на светлото на екранот. Духовноста, како и припадноста, е интимна работа. Таа не бара верификација преку социјални мрежи. Славењето на некој празник или светец е прашање на личен избор, вера, семејна традиција, љубов, сеќавање. Тоа не мора сите да го знаат, не мора сите да го одобрат. Понекогаш, токму најголемата светлина тивко свети во срцето на човекот. Слично размислувам и за прашањата поврзани со родот и полот. Во време кога сите се чувствуваат повикани да коментираат, осудуваат или пак да „прифаќаат“ нешто што, во суштина, не е нивно да го оценуваат – останува истото прашање: зошто мора сè да биде изложено? Секоја личност носи сопствен идентитет, приказна, љубов, болка, надеж, стремеж. Зарем не е доволно тоа што сме тука едни покрај други – па да постапуваме човечки, отворено и со разбирање? Што прави разлика со кого некој ќе замине дома, ако додека сме заедно – има почит, топлина и насмевка? Домот е свето место. Идентично, и телото, срцето, љубовта. Ако нешто е толку лично, зошто го отвораме за сите? Ако навистина сакаме да изградиме општество со љубов и поддршка, првиот чекор е да се воздржиме од осудување и да се отвориме за разбирање. Се прашувам каде исчезна сочувството, каде е вистинската почит? Денес, дури и чувствата ги сведовме на емоџи. Сме замениле зборови со симболи, искрени гестови со клик. Нели е тоа знак дека сме се оддалечиле од себеси и од вистинските средби? Понекогаш, токму тишината е најголемиот глас. Наместо зборови, да се сретнеме да размениме топлина со поглед. Наместо декларативни изјави – да покажеме на дело. И токму затоа сакав ова да го напишам денес. Велигден не е само одбележување на најголемиот празник. Тоа е потсетник за нов почеток, за верба, за воскресение на човечноста во нас, на љубовта која не бара доказ, туку се чувствува, на простувањето кое не се објавува, туку се дарува, на светлината која не заслепува, туку нежно не грее. Токму така, за некого, Велигден е воскресение. За друг, спокој. За трет, нов почеток. А за сите нас – нека биде потсетник дека човечноста, љубовта и вистинската блискост не бараат сведоци, туку присуство. Нека овој празник и секој празник биде твоја внатрешна светлина. Нека секој ден започне со љубов. И не заборавај – она што е свето е длабоко итимно и најубаво е кога е тивко. Среќен Велигден – нека твојата душа ги избере најубавите бои и најблескавата светлина! До следното читање, Сунчица
Преновогодишно „ДА“
Предновогодишната еуфорија некако лесно не понесува и почесто од обично велиме ДА, за сѐ и сенешто. И секогаш за сѐ имаме образложение, а позади тоа образложение, детално сработена анализа и заклучоци, небаре е спроведено сестрано и длабоко научно истражување! Кажано со други зборови, донесувањето на одлуки оди толку лесно. Ни на крај памет не ни доаѓаат моментите од претходно за некои исти или слични работи, за кои со денови сме си правеле филмови во глава со различни содржини и исходи, и пак сме останувале неодлучни, поточно сме одлучувале да не донесеме конкретна одлука. Ама исто така, ова е период во кој многу често се подготвуваме да донесеме големи одлуки кои ќе имаат силно влијание на нашиот живот. Секако, во зависност од целта, или целите кои ќе си ги поставиме за Новата година. Уф.. да.. Колку и посветено и ентузијастички да си ги поставуваме тие цели и колку и самоуверено да одлучуваме, многу често се случува да застраниме, па да почнеме да не се придржуваме до планот, па да бараме начин како да го смениме, или прилагодиме… сѐ со цел да си најдеме некакво оправдување зошто не се придржуваме до донесената одлука и постигнувањето на целта? Очигледно дека многу често, и покрај големата желба, добрата волја и одличниот план, проценката на сопствениот капацитет и способност да не биде соодветно направена. Е, да. Тоа знае да предзвика сомнеж, да се заниша самодовербата, да се вклучат сите внатрешни аларми за потребата од промени за да се продолжи кон остварување на целта. И тоа е моментот во кој „на мака јунакот се познава“, па предизвикот пред самиот себе е кој пат да го избереш – да продолжиш напред, да учиш, да се прилагодуваш, или да престанеш и да се откажеш! Ех, да е така лесно да одлучиш… Е, па и не е така тешко. Сѐ зависи од тоа каде си ти и каде сакаш да бидеш, а многу поважно, да знаеш кој/а си! Секоја донесена одлука и она што следува по неа, е нова лекција, нова поука, дали е добра или лоша, повторно зависи какви очекувања си поставуваш. И секое од таквите искуства става цртичка во нашиот карактер, во нашата личност, во тоа кои сме! Пишувањто на оваа тема не е случајно, барем не денес. Следејќи се себе си и следејќи го сопствениот пат низ животот, и особено анализирајќи го својот начин на одлучување, ми стана јасно како јас донесувам одлуки. И заклучив дека при донесувањето одлуки, многу е важно да ги слушнеш интуицијата, умот и срцето, а најважно е тие да се усогласени. Е, тогаш знаеш дека ја носиш вистинската одлука. Тоа ме потсети на еден од најважните моменти во мојот живот, кој целосно ме промени и многукратно ме надгради постилајќи пред мене ногубројни животни предизвици! Но, да се вратам на својот начин на донесување одлуки, Пред точно 36 години бев исправена пред голема одлука. Немав никакво искуство, но затоа пак немав ни апсолутно никаква дилема да кажам ДА во предвечерјето на новата 1989 година, дури и да го ставам својот потпис. Да се разбереме, во моментите пред да кажам ДА, разумот не ни размислуваше на таа тема, срцето си беше на место, но сѐ уште се држеше по страна, а јас се прашував што барам јас на тоа место, со тие луѓе, таа вечер? Она што до ден денес ми е енигма е како во момнетот кога требаше да одговорам на прашањето почувствував нешто чудно во стомакот кое се прошири кон срцето, па кон главата, ме натера да се чувствувам лесна како пердув и низ телото ми се разлеа некакво чувство на сигурност и спокој, и од мојата уста излезе одговорот – ДА. Кога сега го читам ова, вака напишано, го прикажувам точно она чувство при донесувањето одлуки за кое пишуваат многу автори на книги од категоријата самопомош. За тоа зборуваат и сите оние тренери за личен раст и развој и мотивациски говорници, кои велат дека за да ја постигнеш поставената цел, потребно е да си поттикнат од горлива желба, да имаш план, да ги поседуваш потребните вешти и да имаш група на доверливи луѓе околу себе. О да, потребни се уште многу други елементи, но, денес, тука, сакав да зборувам за одлуките, оние мали и големи, кои секојдневно ги носиме, а не сме ни свесни за тоа, но затоа сме исправени пред предизвик кога треба да донесеме некоја важна одлука, која во нашите глави ја сметаме за важна, а всушност е одлука како и оние наједноставните – што ќе јадам, што ќе пијам, што ќе облечам, каде ќе одам, како ќе одам и.т.н. Неодамна низ глава ми пролета мисла а што ако не треба да носам никакви одлуки? А што ако живеам едноставно и го земам и го прифаќам тоа што е пред мене, такво какво што е? Ах, па навистина ли е можно така да се живее? И ме порази фактот колку микро и мини одлуки за сѐ и сешто носиме секојдневно, почнувајќи од моментот кога се будиме и одлуката да ги отвориме очите!!!! Да,да… дури и тоа е одлука, а понатаму веќе сѐ што правиме, сѐ е подредено на некаква одлука која сме ја донеле. Ова оди дотаму што не сме ни свесни дека секоја наша активност, дури и помисла претставува одлука. Кога стануваме свесни за овој факт и кога секој од нас ќе се погледе себе си и ќе стане свесен прво дека навистина донесува одлуки, а потоа и за начинот како одлучуваме, можеме да погледнеме и како функционираме во животов. Ако сме доволно храбри и мудри, во тие мали, микро одлуки можеме да ги согледаме нашите вредности, можеме да ја следиме нашата сопствена филозофија, можеме да пронајдеме вградена матрица која ни го олеснува донесувањето на некои одлуки и да се дефинираме себе си. Ух, тоа баш е предизвик, нели? Кој е подготвен да се позанимава со себе, еве го првиот чекор. Одлуката да го објавам текстот токму денеска има симоболика, за мене многу лична и во исто време поучна. Одлично четиво во предвечерјето на Новата 2025, нели? Среќни празници и сѐ најубаво во Новата 2025 година!