Историјата не ја носиме како товар. Ја носиме како основа. Секоја година почетокот на месец мај носи значајни историски одбележувања и празнувања. Во колективната меморија стојат факти кои секој од нас ги доживува и чувствува на свој начин, во зависност од околностите, средината, вклученоста во нивното одбележување. Денес ќе се посветам на датумот 4 мај – датумот на кој е убиен Гоце Делчев, кој подоцна го поврзавме и со смртта на Јосип Броз – Тито. Во училиште, преку разглас, слушавме информативни соопштенија кои говореа за делото и значењето на Гоце Делчев, на јазик и на начин разбирлив за сите ученици. Подоцна, на тој датум се додаде и информацијата за делото и значењето на Јосип Броз-Тито. Со почетокот на второто училишно полугодие се распишуваа конкурси за пишување песни или раскази поврзани со Гоце Делчев и неговото значење за нас, за македонскиот јазик, за културата, за посебноста. Подоцна беше додадена и темата за Јосип Броз-Тито, борбата и победата над фашизмот и пролетерската, социјалистичка Југославија и придобивките од нововоспоставениот систем на самоуправување. Гоцевата мисла „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“ убаво ја надополнува пораката за „братство и единство меѓу народите и народностите“ на Југославија. Не знам и не можам да зборувам во име на другите како гледаат денес на тоа, но кога јас се враќам во тој период, чувствувам ентузијазам, верба и силен порив да бидам дел од сѐ. Да се вклучам во секој сегмент, да придонесувам, да бидам реална поддршка секаде, во секое време. Тоа значеше и во учење, и во култура, и во спорт, и дома, и на нива. Тоа бев јас, љубопитното девојче кое не знаеше што е тоа многу, или доста. Само одвреме- навреме слушаше: „Не е за тебе, ти си девојче“ или „Немој, ти си женско“. Тоа не ме оттргнуваше, туку напротив, ме мотивираше да покажам и да докажам дека не се во право. Дека девојчињата знаат и умеат и можат, не само колку момчињата, туку и повеќе. Таа амбиција и желба за себенадминување и докажување беше евидентна на секое поле, насекаде. Уште тогаш научив што значи добровлно вклучување во сите општествени активности, но и активно учество во општествено-културниот живот во училиштето, во месната зедница, општината, градот Скопје. Потекнувам од семејство во кое сѐ уште се работеше земјата и се одгледуваа домашни животни. Според денешните стандарди, бевме самоодржлив екосистем. Ми беше чудно кога се зборуваше за пари, бидејќи тоа некако не кореспондираше со вредносниот систем што го носев од дома. Кај нас, дома, се вреднуваше вложениот труд, одговорноста, грижата, плодовите и богатството на родот. Масата секогаш беше полна и имавме храна во изобилство. Тоа беше моето прво училиште. Образованието беше надградба на домашното училиште. Таму сакав што повеќе да прочитам, да научам, да дознаам, да истражам, да проверам, да докажам. Секогаш со отворен ум и подготвена да излезам напред. Никогаш не размислував дали ќе згрешам, или дали треба јас да бидам прва. Од сите книги и лекции се истакнуваа примерите за храброста, вербата, доброто, вредното, важното. Поттикната од сето тоа, јас храбро дигав рака и се пријавував. И успевав да го исполнам секое барање, да ја извршам секоја задача. Го сакав тоа време. Верував во себе. Ги препознавав можностите и сакав да бидам вклучена, да бидам дел од нив. Знаев која сум. Бев уверена дека ќе одам напред и бев подготвена да го освојам светот. Тоа ми беше во свеста, во главата. Уште тогаш знаев дека ќе одам напред онолку колку што јас ќе одлучам. Благодарна сум за тоа време и горда на тоа што сум денес. Ги сакав и ги почитував, ги сакам и ги почитувам и денес обајцата, и Гоце Делчев и Јосип Броз-Тито. Гоце Делчев како симбол на идеалите за независна и слободна македонска држава, а Јосип Броз-Тито како дел од историскиот контекст во кој за првпат Македонија се појавува како самостојна државотворна единка во Федеративна Југославија. Тие ни оставија наследство. Но и уште поголема обврска. Да почитуваме. Да разбираме. Да умееме. Да продолжиме Јас знам која сум. Јас сум МАКЕДОНКА од село Драчево. ЈАС СУМ ГОЦЕ. ЈАС СУМ И ТИТО.И горда сум на своето потекло. До следното читање, Сунчица
Принцезата и јас: спомен што не е спомен
Дали некогаш сте почувствувале магнетска привлечност да направите нешто без да размислувате? Токму тоа ми се случи викендов. Додека дојдов на себе и станав свесна за местото, средината, околината, си се насмеав самата на себе, но во себе чувствував мир, радост, ентузијазам, желба, поттик… просто неверојатно. И да… сето тоа си го „позајмив“, бидејќи буквално се бев вратила во времето на своето детство. Не со време, место или околности, туку со конкретна природа и чувства. И тоа чувства предизвикани од нешто исконско, искрено, во најчиста форма! А знаете што ми го предизвика чувството? Погледот на нерасцветаната булка.. Кога во светогледот ми влезе тоа тревнато парче земја меѓу патот и пругата покрај кои стоев, почувствував магнетска привлечност да и пријдам на булката која сведната висеше од стебленцето, а пупките на самото стебло сеуште не ги беа отвориле латиците. Им се приближив, скинав две од нив, и моите раце без никаква двојба или дилема, многу вешто, и така-речи стручно, создадоа госпоѓица, или мала принцеза. Откако завршив со неа, скинав од тревата која имаше снопче бели цветови на врвот и срцевидни ливчиња, што ја викавме ѕвонче…. ја скинав, ѝ ги излупив срцевидните ливчиња само малку , за да ги одвојам од стебленцето, а потоа го занишав близу увото, го слушнав ѕвонењето и почувствував дека сум најсреќното суштество на светот. Бев лесна, радосна, развиорена, се чувствував исполнета и горда бидејќи создадов нешто убаво од она што е достапно сега и овде, во природата, на оваа мала тревната површина. Посакав да се пуштам во собирање на тревки со цветови за да сплетам венче.. да го комплетирам процесот… но се создаде некоја чудна гужва на улицата, зголемен сообраќај, почнаа да трубат сирените на автомобилите и одеднаш се вратив на тоа исто место, во оваа реална, секојдневна димензија. Тоа го покрена мојот ум и свесно да потврдам дека навистина многу малку е потребно за среќа. Играта со булките и ѕвончињата, надополнето со вртипопот кој неизбежно ја надополнуваше сцената, ми ги врати спомените од детството. Бескомпромисната блискост со природата и кретаивноста за создавање, или креативно користење на она што е достапно. Се разбира, ваквиот начин на создавање не го измислив јас, само го превземав искуството и го применив додавјќи своја идеја. Сите бевме креативни и уникатни на свој начин, споделувавме, дебатиравме, и сето тоа ни беше игра која ја викавме натпревар. Тие натпревари беа за тоа кој ќе направи поинтересно, поразлично, поуникатно, а не да го омаловажиме, потцениме, или уништиме „противникот“ или оној што мисли поинаку. Најсилното чувство кое вака силно ме вцица беше таа слобода, разиграност, сигурност, искреност, креативност, доверба, поддршка, разбирање… ама и борбеноста, самодоверба, бунтовноста… не против тоа што ме опкружуваше генерално, туку против сè она што ми велеа дека треба да бидам, а јас не сакав, не можев да прифатам да бидам нешто што не сум, не смеам или не можам… сакав да си бидам јас.. Ја погледнав принцезата во мојата рака. Во тој момент, таа беше сведок на тоа која сум била, која сум денес, всушност – која сум јас. Дека јас и природата сме едно, но со различни функции и улоги. Дека не може да бидеме толку далечни и суштински различни, бидејќи сè почнува и сè завршува таму… на линијата на која јас, човечкото суштество, се среќавам со природата. До следното читање, Сунчица
ЈАС не се вклопува. И тоа е во ред.
Лидерството не започнува со позиција. Започнува со тоа да останеш своja. Пролет е. Природата се буди. Се будат и сеќавањата, најубавите… на детството. Силни, мотивирачки и инспиративни, а во исто време застрашувачки. Прелетува низ глава и по некое неубаво чувство, но и тоа е дел од животот. Знам дека телото и умот запомниле се, оти понекогаш, ми се случува рефлексно да реагирам на нешто и тоа ме збунува, па мојата реакција знае да ми предизвика моментален немир, забуна и стрес. Што всушност се случува со мене, во мене? Личното ЈАС постои отсекогаш, тоа се формира уште од нашиот зачеток во утробата на мајката, и зборува најгласно. Рефлексните реакции, споменати погоре, се вгнездиле во умот во моментите кога ЈАС реагирало онака како што му доаѓало, природно, инстинктивно, но околината сметала дека не кореспондира со воспоставените правила. Секако, тоа што е надвор од „правилата на животот“ треба да се оневозможи и уништи веднаш, па за му го укаже тоа , ЈАС е казнет. ЈАС сеуште не ги знае правилата и нормите во средината во која се наоѓа. Единственото нешто што го знае е она што му доаѓа исконски, однатре. Ова што го добива однадвор, како казна во почетокот, не му изгледа прифатливо, го тера да се буни. Тоа предизвикува дополнителен притисок и казна бидејќи е неприфатливо за средината. И така, ЈАС, по линија на помал отпор, најчесто без да разбере и сфати зошто го казнуваат или игнорираат, почнува да се прилагодува на она што доаѓа однадвор. Тоа не значи дека ЈАС целосно го прифаќа тоа надворешно како начин на постоење. Тоа значи дека „учи“ како да егзистира усогласено со средината. За себе, можам да кажам само едно, моето ЈАС отсекогаш ме боцкало однатре и не ми давало мир. Секогаш ме терало да одам „со глава во ѕид“. Не дека денес не се соочувам со рефлексните реакции базирани на чувства од тоа време, но ЈАС е доволно свесно да ги види, коригира и соодветно да одговари на ситуацијата. И ден денес не можам да прифатам многу нешта што општетството, средината и културата на живеење ги наметнуваат, но барем се обидувам да останам повеќе верна на своето ЈАС. Искуствата стекнати во секој момент кога ЈАС било искажувано директно и предизвикувало најразлични последични реакции, кога сум паѓала, и повторно сум станувала да продолжам, денес само ми го зајакнуваат чувството дека постапка без одговорност за последиците е најлошата човечка особина. Откако паметам за себе, секогаш сум била таа што покренува нешто, но истовремено и одговара за последиците. Не ми било важно дали се добри за сите или пак се несоодветни, според стандардите за средината во која живеев, се разбира. Моето ЈАС, според своите уверувања и ставови, секогаш застануваше во првите борбени редови, секогаш прво тргнуваше, секогаш имаше амбиција да биде најгласно, секогаш беше најборбено.. никогаш со намера или со цел, туку само ЈАС гладно за нешто ново, желно да го види следното ниво, следната можност да проба нешто ново, или силен поттик да си докаже дека може. Несвесно, наивно, искрено! Таквото однесување и постоење на моето ЈАС ги терало другите ЈАС од мојата околина да се угледуваат на мене, или да ми завидуваат, да се обидуваат да ме достигнат и надминат или да ме негираат, да го прават тоа што јас го правам или да го поништат тоа што го правам. Се разбира, не сме сите исти, ниту пак со исти способности, капацитети, но тоа што го носи моето ЈАС низ сите години и животни искуства е секогаш искрата однатре која сака да направи нешто ново, нешто поинакво, нешто поразлично, а сепак природно, разумно, приземно, нормално. Тоа дава резултати. Околината го гледа тоа и го посакува за себе, или се обидува да го згасне. Зарем тоа не е основата која го дефинира лидерството? ЈАС не треба да вика и постојано да укажува, доволно е да биде секогаш присутно и да делува. Дејството и акцијата зборуваат погласно од зборовите, а присуството се чувствува посилно од самиот воздух кој не опкружува . Да водиш, значи да умееш, да разбираш, да почитуваш, да споделуваш и да бидеш одговорен за сопствените постапки. Да, водството не е лесно, ниту едноставно. Тоа не се стекнува со именување или со давање задача. Тоа се создава, се гради и се учи низ искуство. Колку повеќе искушенија на патот, толку повеќе стекнати вештини низ нивното совладување. Колку повеќе вештини и искуства, толку поголемо знаење, а сето заедно создава моќ која зрачи силно однатре и ништо, и никој, не може да ја затемни, освен, се разбира, ЈАС. И тоа кога од некоја незацелена лузна, од најраните години, ќе искрсне болно чувство кое ќе ја разниша за момент сигурноста на ЈАС. И само миг потоа, денешново ЈАС самоуверено да одговори: БЛАГОДАРАМ што ме потсетуваш која сум и која сум била отсекогаш! Да, јас знам која сум. А ти? До следното читање, Сунчица
🌿 Според традицијата… а спротивно од реалноста?
Според традицијата, денес вапсував јајца пред изгрејсонце. Додека ги подготвував јајцата и бојата, низ глава ми помина мисла за улогата и важноста на жената во семејството и домот – независно дали е ќерка, снаа, свекрва или баба. Тоа ме потсети на еден неодамнешен текст во кој се зборуваше за улогата на жената според природните законитости. Да, токму така – природните законитости. Конкретно, за женките во животинскиот свет, во групата цицачи, каде што спаѓаме и ние, како човештво. И сите ја следат – не затоа што е најсилна или најумна, туку затоа што само таа точно знае каде се наоѓаат изворите на вода, кои патеки се безбедни и каде има храна. Таа е водачот, чија улога природно произлегува од искуството и знаењето. Без неа, целото стадо би било изгубено. Таа е историјата.Таа е искуството.Таа е знаењето. Со еден збор таа е мудроста, а таму владее матријархатот. Така се одржува животот, така се оди напред, така се создаваат и се градат следните генерации. И тука неминовно ми се наметна прашањето: зошто тоа не се отсликува во општеството?** Но домот и домашните обврски остануваат, речиси без исклучок, во женските раце. Зошто ние, луѓето, тоа го променивме? Постои една перспектива која вели дека жената ја носи мудроста, а мажот силата. Ако тоа се постави како структура, тогаш владеењето доаѓа од мудроста, а извршувањето се реализира преку силата. **Зошто тогаш жените сè уште не се доволно присутни таму каде што се креира, каде што се дизајнира,каде што се носат одлуки?** Можеби лежи и во тоа дали сме подготвени да ја препознаеме,прифатиме и живееме сопствената улога –надвор од домот,исто толку природно како и во него. До следното читање, Сунчица
I AM #BERLINLEGEND
42.195 метарски танц на душата и телото низ Берлин
Déjà vu – Дежа ву – кога душата веќе знае!
Некои моменти не ги живееме првпат… само ги препознаваме. Дали ви се случило да се најдете на некое место и, додека се движите, да се фатите себе како всушност повторувате нешто што веќе сте го правеле?Објектите околу вас се исти, распоредот е ист, мирисите, сопственото движење, луѓето… Токму како оние моменти што популарно ги нарекуваме déjà vu. Или како сцената со мачорот во филмот Матрикс? Постојат најразлични толкувања за овие епизоди, но до денес никој не докажал со сигурност што се и зошто се случуваат. Јас, за многу краток период, доживеав три вакви епизоди – без никаква очигледна причина. Тоа ме натера да се запрашам: „Зошто да не ја истражам оваа тема?“ Мене ми се случуваат вакви моменти прилично често. Дали ти се случуваат и тебе? Можеби да, можеби не. Верувам дека е тоа индивидуално, но дефинитивно таквите доживеани епизоди ретко се споделуваат. Прво, затоа што ни самите не си веруваме, а второ – сметаме дека немаат значење за другите. Токму затоа решив да проговорам. Сакав подобро да разберам што се случува со мојот ум и тело. Едно е во умот да споредуваш нешто со претходно доживеано, но буквално да почувствуваш повторување на сцена – и физички, и ментално – е нешто сосема друго. Најчесто, овие епизоди мене ми се случуваат на места што ги посетувам првпат, на настани, конференции, состаноци – и особено специфични се некои заради улогите во кои сум таму присутна. Тогаш се прашувам: 🔹 Дали тоа е порака дека веќе сум била таму и сум ја живеела таа сцена?🔹 Дали сум тоа јас, но во други димензии што егзистираат паралелно со оваа?🔹 Дали е тоа потсетник од мојата душа дека веќе го знам овој момент и треба да го повторам – за сè да излезе како што треба? 🔹 Или пак е потврда дека сум целосно усогласена со она што е мој живот денес? Да, можеби звучи прилично неверојатно, дури малку како научна фантастика или утопија. Уште не сум нашла одговор на прашањето зошто мене ми се случуваат? Но понекогаш е убаво да се предизвикаме, да ги предизвикаме сопствените сфаќања за животот и начинот на кој го разбираме и гледаме светот. Можеби и ти имаш моменти кога сè ти е познато, иако во реалноста не си го живеела или живеел тоа. Можеби некој тивок глас однатре ти вели: „Ова ти е веќе видено… сега одбери поинаку.“ Можеби ќе ги игнорираш тие моменти. Твој избор. Јас сакам да верувам, барем засега, дека тие епизоди се врата, или можеби потсетник, дека нешто поважно се случува внатре, во умот, во душата што треба да се покаже надвор. Провери дали и ти имаш свое déjà vu.Што ти покажува? Можеби ќе те поведе во нов правец? Можеби ќе те упати во нова средина? Можеби ќе те одведе меѓу други луѓе? До следното читање, Сунчица
Storytelling – ЈАС СУМ РАСКАЖУВАЧКА
Приказната е алатка и потсетник. Без неа – нè нема Дали се сеќаваш кој ти ја раскажа првата приказна? Мама или тато? Баба или дедо? Наставничката? Јас не можам да се сетам точно кога и од кого ја слушнав првата приказна, но кај нас дома постојано се раскажуваа приказни, се кажуваа гатанки, се раскажуваше за семјните врски, празниците, обичаите, луѓето, природата, храната, животните, се што може да биде важно за едно селско домаќинство во приградска населба. Од тој мој детски период, многу убаво се сеќавам дека кога одев во забавиште многу често откако сите ќе влезеа и ќе седнеа на своите места, јас останував да стојам покрај влезната врата. Имав интересна задача, да раскажам нова приказна или да кажам гатанка. Учителките веројатно биле зачудени од моето знаење на приказни и начин на кажување, па и на нив им било интересно да слушнат нешто ново и интересно и така, јас со утринска приказна го започнував денот. Се сеќавам и на денови кога не сакав да одам затоа што немав нова приказна, па баба ми или мајка ми набрзина ќе ми кажеа некоја поговорка или ќе ми споменеа нешто интересно и јас заминував насмеана и подготвена. Не дека јас нешто сум знаела за јавно говорење или раскажување, сум била само љубопитно шестгодишно девојче. Тоа некако го одреди мојот понатамошен живот, бидејќи оттогаш, некако по дефиниција, кога нешто требаше да се прераскаже со драматичен тон, а подоцна и да се напише и прочита на глас, ми се паѓаше мене. За тоа како звучев, не знам, но знам дека по завршувањето на една детска претстава во забавиштето, сите во публиката плачеа, а мене ми приоѓаа, ме гушкаа и ми велеа „браво“. Не можам да објаснам зошто ми се вратија токму овие сеќавања, но знам дека јас отсекогаш сум била таа што зборува, односно пренесува што треба на глас. И денес окото ми го фати се почестото и се посилното користење на странскиот термин „storytelling“. Па почнав да се прашувам, зарем заборавивме дека нашата суштина, нашиот живот е целиот испреплетен и исткаен од приказни и раскажување? Дали има некој што во животот никогаш не добил совет преку раскажана приказна од некој близок, или не добил информација преку раскажана приказна? Секогаш ме фасцинирало колку брзо прифаќаме странски термини, кои одеднаш стануваат гласни и популарни. Одеднаш нашето раскажување приказни стана „storytelling“. Самиот странски збор предизвика лавина, па скоро со светлосна брзина се распространи низ сферите маркетинг, психологија, образование, тренинг. Оддекна како светов да откри нешто ново, фасцинантно. А всушност… ништо поново и поблиску до човекот и човештвото, односно до нас, од приказната и раскажувањето – нема. Целата историја на човештвото е изградена врз раскажување приказни. Така се граделе општества, се утврдувале вредности, се учеле модели на однесување. Прво преку пример, потоа преку збор, преку цртежи и на крај – преку записи. Колку приказни се исткaeни од времето на усната традиција до писменоста, во образованието и историјата? Секојдневно слушаме за книги, библиотеки, свитоци, и се што е собрано до денес се всушност запишани приказнии. Се уште се собира и се уште има собрани нешта кои што не се протолкувани, но она што е најважно, запишани се и еден ден ќе се протолкуваат – a сето тоа се раскажаи приказни, сведоштва. Старите римјани рекле „Historia magistra vitae est“, или по нашки, историјата е учителка на животот. Да, приказните од историските записи. Но уште пред нив, римјаните, старите цивилизации низ приказните учеле, лечеле, воделе, паметеле. И ден денес приказните уште не учат. Сите имаме такви приказни, по дома, во маало, на училиште, на работа. Ни ги раскажувале нашите баби и дедовци, родителите, наставниците, па и по некој случаен минувач, сопатник што некогаш кажал нешто. Сите тие ни оставиле по нешто што засекогаш останало во нас. Можеби не останала приказната, но нешто од кажаното останало забележано во нас како некое решение или одговор на ситуација. Нашиот пристап, во согласност со возраста на која ни стигале приказните, е чуден, па ние често знаеме и да се оградиме велејќи: „Тоа било друго време, сега не е така.“ Но ако сме реални, навистина ли било така? Или пак само ние сме се промениле, додека истите ситуации се враќаат, во нова форма, со нови лица? Колку многу вреди кога во некоја слична ситуација ќе ни се врати споменот на некоја раскажана приказна? И ако не приказната, можеби само наравоучението, или некоја мудра изрека, но сигурно нештото што ни го дава одговорот, решението во конкретната ситуација? Сите тие приказни кои ми ги раскажуваа додека растев ме натераа да сакам уште повеќе приказни, па го засакав читањето и не можев да се одделам од книгите. Таа моја љубов кон книгите и приказните ме држи и денес. Во секоја книга има приказна, понекогаш и неколку приказни, при што секогаш има по нешто ми го заробува вниманието. Некогаш ќе ми донесе потврда или ново разбирање на нешто што сум го чувствувала, но не сум знаела да го објаснам, или ќе ми понуди поинаков аспект на гледање на работите, или ќе ги стави на тест моите сопствени гледишта. Сето тоа – во комбинација со моето животно и професионално искуство – ми овозможува да зборувам, да раскажувам, да допрам до соговорниците. Да пренесам чувство. И сега јас се чувствувам како моите предци што ми даваа ука преку раскажување приказни. Навистина е така. Од приказните може многу да се научи. Не велам дека приказната е секогаш иста. На сите ни е јасно дека не постои само една вистина, а уште помалку само еден начин. Моќта на приказната е во тоа колку силно ќе допре до слушателот или слушателите. Вештината на раскажувачката не се само убавите зборови и знаењето, туку да ја препознае публиката и да го прилагоди раскажувањето токму на таа конкретна публика. Да и даде можност на публиката да ја почувствува приказната. Да ја раскаже така, што приказната на раскажувачката ќе стане и нивна, на публиката.Затоа што вистинската приказна не се слуша – таа се доживува. Зошто ми е тоа мене важно? Затоа што откако ќе ја слушнат приказната, сакам луѓето да си понесат чувство.Да запомнат нешто што ги допрело, нешто
КАФЕ, ДУША И МАЛКУ МАГИЈА
„Ај на кафе“ Една од најодомаќените и најчесто користените фрази на нашево поднебје за средба, дружба, пауза. Едно видување цело векување. Странците секогаш во чудо прашуваат„велите одите на кафе, а потоа нарачувате храна, пијалоци и останувате часови и не престанувате да зборувате“. Ете, тоа сме ние. Пиењето кафе е многу повеќе од само физичко разгалување на нашиот ум и тело. Тоа е дел од нашето живеење, од нашиот културен код. Иако денес достапните видови на кафе за консумирање се најразлични, останува фактот дека пиењето кафе на овие простори подразбира социјален момент, блискост, доверба, бидејќи кафето се пие со колеги, пријатели, роднини. Кафето не е само момент на кафепиење, туку момент да се избега од рамката, од образецот, да се излезе во поинаква средина, да се поминете време во поинаква атмосфера, да се опуштиме, да се поведе разговар на поинакви теми, да се освежи умот, да се сврти фокусот, ако тоа е потребно. Се сеќавам на едни други времиња кога повикот на кафе беше таен код со кој се повикувавме да размениме муабети за кои не се зборуваше јавно. А тоа беа теми кои за нас, како млади кои влегуваат во животот на возрасните, живо не интересираа. Сакавме да зборуваме за тоа што не очекува во иднината, верувавме во магијата на кафето, дека ете, шарите од талогот во филџанот кафе некој ќе ги протолкува и ќе ни даде некаква насока на дејствување за она што во моментот не интересира, училиште, оценки, дечковци и девојки, патувања. Многу беше важно да имаме некој што умее да „гата“, т.е. да „гледа“ на кафе. Ах, колку возбуда, колку разговори, колку нагаѓања, колку споредување, колку поврзувања на настани, луѓе места за само и само да се најде потврда дека она што е кажано според „гледањето“ има вистина. Колку тајни излегуваа на виделина, колку во тие моменти се гледаше блискоста, довербата, желбата за поддршка и помош! Размислувајќи на оваа тема, од денешен аспект, сфаќам колку било моќно тоа „гледање“ на кафе, но не во смисла на предвидувања на настани, туку колкава била моќта на тие зборови, идеи, да не мобилизира сите, да не покрене, уште посилно да не поврзе и да не поведе во акција, ако треба малку и да интервенираме за некоја од „предвидените слики“ навистина се случи. Сите имаме желби и сакаме да знаеме кои се предвидувањата за нашата иднина, и понекогаш на чуден начин не допираат некои работи кои не покренуваат на дејство. „Гатањето/гледањето“ кафе не е единствената алатка, тука се хороскопите, тука се читањата на дланка, толкувањето на соништата, гледање во тарот карти, обични карти, гледање на камења, школки исл, и многу други начини на кои луѓето отсекогаш се обидувале да ѕирнат во сопствената иднина, со „маѓиски работи“ . Нашето физичко тело е едната страна од нашето постоење, а духовноста е другата страна. Овие алатки се многу тесно поврзани со духовноста. Затоа што тие користат зборови кои се блиски на душата и се разбирливи бидејќи ги чувствуваме. Многу лесно може да протолкуваме нешто ако ни е познато чувството што го предизвикува во нас. Јазикот на чувствата е единствениот на кој реагираме целосно – и со тело и со душа. Денес сите овие алатки се многу комерцијализирани, и се широко достапни на интернет или преку најразлични апликации. Кога помислив да ги повикам колегите „Ај на кафе“, сите оние размислувања почнаа да ми го окупираат умот и едноставно почувствував потреба да ги запишам и да ги споделам. Додека го пишувам текстов, не можев да се оттргнам од впечатокот и мислата што како црв ми се провлекува низ умот – зарем сите набројани алатки не може да се сметаат дека се дел од целата индустрија за личен раст и развој? Ако ги разложиме и ја погледнеме основата и целта, и тие служат за разрешување на некоја дилема и откривање на некој непознат дел од себе, или разрешување на нешто се гледа како личен проблем? Секако, само алатката преку која се стигнува до одговорот се разликува, зарем не? Ако еден коуч користи прашања, медитации, слики, за да се стигне до одговор, зарем гледачка или гатачка која ги користи фигурите од филџанот кафе, или тарот картите, или соновникот, или хороскопот не го прават истото? Како и да е, работата на себе е процес и тоа го правиш за себе, но го согледуваш преку луѓето околу себе. Социјалната интеракција и заедница на луѓе со кои можеш да комуницираш е вистинското богатство. Затоа, дали треба посебна причина за кафе? Дефинтивно не. Тогаш ајде на кафе, па потоа ќе размислуваме што понатаму! Којзне, можеби од некој филџан кафе ќе добијам насока со кого можеби ќе се сретнам, дали ќе патувам, или можеби и дали ќе правам веселба, или ќе добијам убава вест, или можеби ќе ми се покаже некое купче пари? О да, сетоа тоа може да биде само отсјај на она што веќе е во процес на реализација и она што веќе е во функција, но забавниот дел од социјалната интеракција и друштво при пиењето на кафето, разговорите, дружбата е непроценлива, таа ја рани и ја полни душата! Секој филџан кафе може да биде и врата кон себе. Дали ќе го протолкува она што ни се прикажува, или само ќе уживаме во моментот, не е важно – важно е што сме заедно, што сме тука, што се дружиме, што зборуваме. На здравје, до следното кафе… всушност, до следното читање Сунчица
THE BRIDE: Жената во бело – писмо до себе, 36 години подоцна
Денес не е обичен ден. Првите сончеви зраци ме заслепеа и се што можев да видам беше бела боја. Зошто баш денес ваква заслепувачка светлина од првите сончеви зраци? Се запрашав, се разбира, бидејќи не беше првпат да го гледам изгрејсонцето, а потоа го погледнав телефоот – екранот покажуваше 02.07.2025, 06:25. Ах, денес е 2 јули. Не знам дали календарот го памети тој датум, но јас, моето тело, мојата душа, моите очи … го паметат. На денешен ден, пред точно 36 години, бев облечена во бел невестински фустан и со дијадема на глава наместо вел, симбол на сила, избран уште тогаш, без да бидам свесна за тоа. И така облечена, заедно со сонувачката во мене, ЈАС, целата возбудена, со насмевка, со љубов, со верба, со почит, според традициите, влегов во божјиот храм и потврдив „да“. Потсетувајќи се на тој ден, сфаќам дека тоа „да“ не беше само на мажот до мене, туку тоа беше „да“ на цела една визија на љубовта, на мое семејство, исткаена од бројните прочитани книги и уште повеќе од блиските, од семејството, од традицијата, од културата. Тоа беше мојата визија за иднината што ја замислив, на девојката која чекореше низ животот со широко отворени очи и големи соништа. Иако дотогаш имав прочитано многу книги, многу патувано, не знаев многу за новиот живот пред мене. Но знаев да сакам. Знаев да бидам посветена. Силно верував дека тоа е вистинскиот следен чекор во мојот живот. Таа жена во бел невестински фустан, исправена гордо, денес ја гледам со многу љубов. Не како идеализирана невеста од приказните, туку како млада, храбра, човечна – ЈАС. Со стравови невешто замаскирани со насмевка, со надежи кои ги носела во себе, со срце што би трчало до крајот на светот ако љубовта го повикаше. Денес, кога се навраќам на тој ден, на невестата во бело, сфаќам колку голем и силен бил нејзиниот сон и визија тогаш. Затоа сакам да погледнам од денешен ден, што таа не знаеше тогаш? Не знаеше дека љубовта понекогаш не е доволна. Не знаеше дека животот ќе ја предизвикува и ќе ја крши… но и ќе ја создава одново и одново пак. Не знаеше дека постојано ќе учи, дека ќе се бори, ќе паѓа и ќе станува, секогаш со ново искуство, со ново знаење, со нова сила. Не знаеше дека ќе стане мајка, но силно посакуваше. И дека токму таа љубов ќе ја предизвикува и ќе и биде и спас и водилка. Денес, 36 години подоцна, не жалам за ништо. Не би го вратила назад времето. Но ѝ се поклонувам на таа жена. Затоа што без неа – немаше да бидам оваа ЈАС. Денес само чувствувам потреба да и се обратам на неа, на жената во бело: „Жено во бело, ти благодарам што тргна, што сакаше, што веруваше, што одеше храбро и со отворено срце. Сега знам – невестата ЈАС не престанува да постои кога ќе го соблече фустанот. Таа живее внатре во мене и денес, и се појавува секогаш кога се решавам пак да верувам. Пак да сакам. Пак да изберам. Ти благодарам!“ Верувам дека не сум единствената жена која се сеќава на денот кога облече бел фустан и веруваше дека нејзините соништа, желби, визии ќе се остварат, а љубовта ќе ја понесе во ново среќно поглавје во животот. А потоа доаѓа соочувањето со реалноста и секојдневието и витинскиот живот. И токму тука, поттикната од значењето на овој датум и ден за мене, драги жени, ве повикувам да се потсетите на таа жена во бело која ја носите во себе и да ја прегрнете силно, да и се заблагодарите за тоа што сте денес, затоа што без неа, денес ни вие не би биле тоа што сте денес. А тие што се уште размислуваат или сонуваат да облечат бел фустан? Запомнете зошто сте во бело и запоменте која сте! Тоа ќе ви биде водилка и светла точка во животот. До следното читање, Сунчица
MYVOICE – Викенд што ја заокружи вистинатa
Гласот што се разбуди – Викенд што ја заокружи вистината Ден 1 – Тивкото будење (Петок) Овој ден како да започна со фанфари за да го најави почетокот на следните денови. По долго време одлучив да појдам на планина и да ги расчистам моите мисли и умот. Имав толкав наплив на креативни идеи, желби како сето тоа да го реализирам… едноставно, ми требаше преиспитување и поставување на работите како што треба. Започнав со готовност да се соочам со сè што требаше да направам тој ден, и физички и психички. Си дозволив внатрешна тишина за да му овозможам на срцето да го сообрази она што знаеше – дека нешто ново зрее. Си дозволив да си ги преиспитам сите моите чекори, зборови, постапки и моето присуство – или пак отсуство? И таму, движејќи се низ најубавиот планински предел, каде природата ја истурила сета своја убавина за да ја нахрани душата, како се искачував угоре, така мислите стануваа почисти, појасни. Секој нов километар беше ново поглавје во мојот ум. И таму, додека се процесираа старите и новите сознанија, додека се групираа, организираа, подредуваа – во сè уште незапишаните мисли се разбуди една моја стара идеја која блесна со заслепувачка јаснотија: да го вратам својот глас. Ах, Корабскиот водопад со својата издашност и студената вода, впрочем и сета вода што се сливаше од многу околни пукнатини, дополнително ми ја разбистри, да не речам – ми ја разработи идејата. Тоа нема да биде гласот што зборува за другите, туку гласот што раскажува за мене. Ах, каков прекрасен ден. Уморот очигледен – 24 км и 1200 м надморска височина не се лесен залак за секого. Но величествениот поглед на водопадот и природните предели навистина вредеа. За мене беа посебно вредни. Си дојдов со чиста глава, спокојна душа и многу јасна идеја што следно ќе создадам. Особено затоа што веќе знаев што треба да одработам во следните два дена од викендот и на некој начин се радував што двата дена ми беа со веќе одредени конкретни активности. Ден 2 – Средба со минатото (Сабота) Доживеав нешто прекрасно. Неврзан разговор со познаник што одамна не сум го видела ми го наполни срцето. Низ разговорот го спомена мојот глас, се сетивме на минатото и мојот тогашен глас. Всушност, ме потсети што значи да се расте, да се биде со отворен ум и надвор од формите и очекувањата, додека внатре во сржта – секогаш искрена и вистинита на сопствената суштина. Тука веќе мојот ум работеше со светлосна брзина и ми донесе пријатно чувство кое ми шепна: твојот глас не е изгубен. Само тивко те чека да биде поканет назад. О да, имаше прашања дали навистина планирам да учествувам на трки по такво планинарење во петокот. Но што да кажам – јас сум јас. И кога мојот ум вели „можеш“ – јас го слушам. А сето тоа беше само првиот дел од денот! Следуваше мојот настап на Националното првенство за сениорки 2025 во трката на 800 м. Немав никакви посебни очекувања. Целта ми беше само да учествувам – како натпревар со самата себе, тест на брзината. И бидна. Каков тест! Истрчав со брзина каква што одамна немав постигнато. Здив немав кога завршив. Но бев горда што завршив. И ни помалку ни повеќе – во мојата глава, гласот веќе почна да се форматира и структуира. Чувствував возбуда и некаква среќа што ми мамеше насмевка без никаква посебна причина. Ден 3 – Победнички глас (Недела) И денес се случи тоа што најмалку го очекував – како печат на целиот процес: трката. Да, повторно учествував на Националното првенство за сениорки 2025 во дисциплината 5000 м. Жешко, спарно – но тука бев, присутна. Не бев за да постигнам некаков временски резултат. Не учествував за некаков пласман. Туку трчав за себе. Трчав со сето она што сум. Со сите свои искуства, борби, љубови, освоени височини и падови. Тоа ми беше голем исчекор, бидејќи трчав на максимум моја брзина во тој момент. И каков финиш! Трета! Трето место! Исцрпена, уморна, сè уште несвесна за постигнувањето – но со чувство на задоволство. Најава за наградените, повикување на подиум – за освоено трето место: диплома и бронзен медал. Ете, тоа беше буквално како јаготка на шлагот за да го заокружи овој викенд со перфектен скор! Во моментот кога ги добив медалот и дипломата, не добив само признание – туку и потврда. Потврда дека гласот што се разбуди не се раскажува – се живее. Заклучок Не мора секогаш да викнеш за да те чујат. Доволно е да се разбудиш и да му дозволиш на гласот да излезе. А мојот, после ваков викенд, веќе навистина немам изговори да го одлагам неговото излегување. Си верував себеси, му верував на моето тело, верував во сопствениот психофизички баланс. Овие три дена точно ми покажаа дека навистина не се работи секогаш за постигнување на целта како крајна цел, туку најважен е патот што ќе се помине додека се оди кон целта. Таму е делот по кој се препознаваат успешните. Искуството стекнато низ процесот на постигнување на целта е она што се вградува во нас, но истовремено ја вади највистинската верзија од секој од нас. И токму во тој мој процес, и токму овие три дена со овие три значајни настани ми ја заокружија идејата што крчка веќе некое време – мојот глас се разбуди, бидејќи има што да каже! Заследете ме на социјалните медиуми! До следното читање,Сунчица П.С. Гласот што се разбуди веќе не молчи. Од денес, зборува, трча, живее и пак ќе пишува. А ти – слушаш ли?