Според традицијата, денес вапсував јајца пред изгрејсонце.
Додека ги подготвував јајцата и бојата, низ глава ми помина мисла за улогата и важноста на жената во семејството и домот – независно дали е ќерка, снаа, свекрва или баба.
Тоа ме потсети на еден неодамнешен текст во кој се зборуваше за улогата на жената според природните законитости.
Да, токму така – природните законитости.
Конкретно, за женките во животинскиот свет, во групата цицачи, каде што спаѓаме и ние, како човештво.
Во текстот беше опишана улогата на најстарата слоница која го води стадото напред.
И сите ја следат – не затоа што е најсилна или најумна, туку затоа што само таа точно знае каде се наоѓаат изворите на вода, кои патеки се безбедни и каде има храна.
Таа е водачот, чија улога природно произлегува од искуството и знаењето. Без неа, целото стадо би било изгубено.
Таа е историјата.
Таа е искуството.
Таа е знаењето.
Со еден збор таа е мудроста, а таму владее матријархатот.
Слични модели на водство се забележуваат и кај некои видови китови, каде што постарите женки имаат клучна улога во насочувањето и опстанокот на групата.
Така се одржува животот, така се оди напред, така се создаваат и се градат следните генерации.
Да се навратам на утринската постапка, со која се поставив како следбеничка на традицијата пренесена од моите претходнички – свекрва, мајка, баба …
И тука неминовно ми се наметна прашањето:
**Ако ние, жените, сме носители на меморијата, искуството, традицијата и знаењата…
зошто тоа не се отсликува во општеството?**
Неспорно е дека денес ние, жените, сме поеднакво ангажирани како и мажите.
Но домот и домашните обврски остануваат, речиси без исклучок, во женските раце.
Ако се навратам на она погоре – како природниот закон го следат другите сродни видови – се прашувам:
Зошто ние, луѓето, тоа го променивме?
Многу се зборува за подигање на свесноста и враќање на човечкото достоинство – преку работа на себе, преку спознание и зајакнување на самодовербата.
Постои една перспектива која вели дека жената ја носи мудроста, а мажот силата.
Ако тоа се постави како структура, тогаш владеењето доаѓа од мудроста, а извршувањето се реализира преку силата.
И токму тука се отвора следното прашање:
**Зошто тогаш жените сè уште не се доволно присутни таму каде што се креира,
каде што се дизајнира,
каде што се носат одлуки?**
Можеби одговорот не лежи само во системите.
Можеби лежи и во тоа дали сме подготвени да ја препознаеме,
прифатиме и живееме сопствената улога –
надвор од домот,
исто толку природно како и во него.
До следното читање,
Сунчица





