Приказната е алатка и потсетник. Без неа – нè нема
Дали се сеќаваш кој ти ја раскажа првата приказна? Мама или тато? Баба или дедо? Наставничката?
Јас не можам да се сетам точно кога и од кого ја слушнав првата приказна, но кај нас дома постојано се раскажуваа приказни, се кажуваа гатанки, се раскажуваше за семјните врски, празниците, обичаите, луѓето, природата, храната, животните, се што може да биде важно за едно селско домаќинство во приградска населба. Од тој мој детски период, многу убаво се сеќавам дека кога одев во забавиште многу често откако сите ќе влезеа и ќе седнеа на своите места, јас останував да стојам покрај влезната врата. Имав интересна задача, да раскажам нова приказна или да кажам гатанка. Учителките веројатно биле зачудени од моето знаење на приказни и начин на кажување, па и на нив им било интересно да слушнат нешто ново и интересно и така, јас со утринска приказна го започнував денот. Се сеќавам и на денови кога не сакав да одам затоа што немав нова приказна, па баба ми или мајка ми набрзина ќе ми кажеа некоја поговорка или ќе ми споменеа нешто интересно и јас заминував насмеана и подготвена. Не дека јас нешто сум знаела за јавно говорење или раскажување, сум била само љубопитно шестгодишно девојче. Тоа некако го одреди мојот понатамошен живот, бидејќи оттогаш, некако по дефиниција, кога нешто требаше да се прераскаже со драматичен тон, а подоцна и да се напише и прочита на глас, ми се паѓаше мене. За тоа како звучев, не знам, но знам дека по завршувањето на една детска претстава во забавиштето, сите во публиката плачеа, а мене ми приоѓаа, ме гушкаа и ми велеа „браво“.
Не можам да објаснам зошто ми се вратија токму овие сеќавања, но знам дека јас отсекогаш сум била таа што зборува, односно пренесува што треба на глас. И денес окото ми го фати се почестото и се посилното користење на странскиот термин „storytelling“. Па почнав да се прашувам, зарем заборавивме дека нашата суштина, нашиот живот е целиот испреплетен и исткаен од приказни и раскажување? Дали има некој што во животот никогаш не добил совет преку раскажана приказна од некој близок, или не добил информација преку раскажана приказна?
Секогаш ме фасцинирало колку брзо прифаќаме странски термини, кои одеднаш стануваат гласни и популарни. Одеднаш нашето раскажување приказни стана „storytelling“. Самиот странски збор предизвика лавина, па скоро со светлосна брзина се распространи низ сферите маркетинг, психологија, образование, тренинг. Оддекна како светов да откри нешто ново, фасцинантно. А всушност… ништо поново и поблиску до човекот и човештвото, односно до нас, од приказната и раскажувањето – нема.
Целата историја на човештвото е изградена врз раскажување приказни. Така се граделе општества, се утврдувале вредности, се учеле модели на однесување. Прво преку пример, потоа преку збор, преку цртежи и на крај – преку записи. Колку приказни се исткaeни од времето на усната традиција до писменоста, во образованието и историјата? Секојдневно слушаме за книги, библиотеки, свитоци, и се што е собрано до денес се всушност запишани приказнии. Се уште се собира и се уште има собрани нешта кои што не се протолкувани, но она што е најважно, запишани се и еден ден ќе се протолкуваат – a сето тоа се раскажаи приказни, сведоштва.
Старите римјани рекле „Historia magistra vitae est“, или по нашки, историјата е учителка на животот. Да, приказните од историските записи. Но уште пред нив, римјаните, старите цивилизации низ приказните учеле, лечеле, воделе, паметеле. И ден денес приказните уште не учат. Сите имаме такви приказни, по дома, во маало, на училиште, на работа. Ни ги раскажувале нашите баби и дедовци, родителите, наставниците, па и по некој случаен минувач, сопатник што некогаш кажал нешто. Сите тие ни оставиле по нешто што засекогаш останало во нас. Можеби не останала приказната, но нешто од кажаното останало забележано во нас како некое решение или одговор на ситуација. Нашиот пристап, во согласност со возраста на која ни стигале приказните, е чуден, па ние често знаеме и да се оградиме велејќи: „Тоа било друго време, сега не е така.“
Но ако сме реални, навистина ли било така? Или пак само ние сме се промениле, додека истите ситуации се враќаат, во нова форма, со нови лица? Колку многу вреди кога во некоја слична ситуација ќе ни се врати споменот на некоја раскажана приказна? И ако не приказната, можеби само наравоучението, или некоја мудра изрека, но сигурно нештото што ни го дава одговорот, решението во конкретната ситуација?
Сите тие приказни кои ми ги раскажуваа додека растев ме натераа да сакам уште повеќе приказни, па го засакав читањето и не можев да се одделам од книгите. Таа моја љубов кон книгите и приказните ме држи и денес.
Во секоја книга има приказна, понекогаш и неколку приказни, при што секогаш има по нешто ми го заробува вниманието. Некогаш ќе ми донесе потврда или ново разбирање на нешто што сум го чувствувала, но не сум знаела да го објаснам, или ќе ми понуди поинаков аспект на гледање на работите, или ќе ги стави на тест моите сопствени гледишта. Сето тоа – во комбинација со моето животно и професионално искуство – ми овозможува да зборувам, да раскажувам, да допрам до соговорниците. Да пренесам чувство.
И сега јас се чувствувам како моите предци што ми даваа ука преку раскажување приказни. Навистина е така. Од приказните може многу да се научи.
Не велам дека приказната е секогаш иста. На сите ни е јасно дека не постои само една вистина, а уште помалку само еден начин.
Моќта на приказната е во тоа колку силно ќе допре до слушателот или слушателите. Вештината на раскажувачката не се само убавите зборови и знаењето, туку да ја препознае публиката и да го прилагоди раскажувањето токму на таа конкретна публика. Да и даде можност на публиката да ја почувствува приказната. Да ја раскаже така, што приказната на раскажувачката ќе стане и нивна, на публиката.
Затоа што вистинската приказна не се слуша – таа се доживува.
Зошто ми е тоа мене важно?
Затоа што откако ќе ја слушнат приказната, сакам луѓето да си понесат чувство.
Да запомнат нешто што ги допрело, нешто што им дало да почувствуваат вкус, мирис, да слушнат звук, да видат со поинакви очи. Да ги доживеат другите. Да го доживеат просторот. Да го доживеат моментот.
За мене, а верувам и за многу луѓе, впечатоците низ приказни се единствениот начин на кој ја градиме нашата лична, внатрешна меморија. Така ја пополнуваме нашата емоционална архива. Така го гледаме светот околу нас.
Дали го користам тоа во мојата работа?
Да, секако. Секогаш и секаде каде што имам можност за тоа.
Кога водам луѓе, кога обучувам, кога говорам, кога пишувам – секогаш ја барам приказната. Оној еден збор, оној мал мост, онаа нишка што ќе му овозможи на читателот, слушателот, да ја поврзе приказната, или нешто од неа, со нешто свое. Со нешто што им е блиско, топло, познато, човечко.
Многу ми значи кога преку приказната успевам да допирам до она што е нивната вистина. Понекогаш таа моја приказна може да им ја отвори вратата кон нешто што дури и тие самите не знаеле дека го носат, или само да ги потсети дека знаат и умеат.
И сето тоа го правам не затоа што така ме учеле – туку затоа што јас сум избрала да бидам продолжение на нивната, на човечката традиција и таква сум отсекогаш. Да, се потсетив која сум. Сега сум тука, назад, дома. Раскажувањето е мојот начин на постоење и присуство. Затоа и сум тука, сега и овде.
Дали ми треба потврда дека сум раскажувачка?
Не. Се разбира дека не.
Но ако некој праша дали ова што го пишувам може да се нарече storytelling?
О, да. И повеќе од тоа.
И за крај, ако ова е storytelling – тогаш сите ние сме раскажувачи, нели? Само треба да се потсетиме каде ни е гласот. Секој има своја приказна, свој начин на раскажување. Најди ја својата приказна, слушни го својот глас!
До следното читање,
Сунчица





