ФЕСТИВАЛ 6.0~

1.000,00 ден

ЕДНА ВЕЧЕР • ТРИ ЗОНИ • СЕДУМ МУЗИЧКИ ДЕЦЕНИИ

Нешто ново, со дух на старото. Нешто поинакво, а сепак познато!

60 години се поводот, а животот и сè што допрва доаѓа – причината за славење!

 

ФЕСТИВАЛ 6.0~ е единствено интерактивно доживување што ги спојува музиката, игрите, спомените, вкусовите и дружењето во една незаборавна вечер.

 

Бројот 60 означува шест децении живот, а симболот ~ го претставува продолжувањето – новите искуства, пријателства, предизвици и приказни што допрва ќе ги создаваме.

 

На 20 октомври 2026 година, просторот на N99 ќе се претвори во фестивалска сцена со три тематски зони, седум музички децении, игри, изненадувања и вкусови што будат спомени.

 

Дојдете да ги размрдаме спомените, да ги раздвижиме нозете и заедно да создадеме нови приказни!

Категорија

Опис

ПРОГРАМА НА ФЕСТИВАЛОТ

🎶 ЗОНА 1 – МУЗИЧКИ ВРЕМЕПЛОВ
Седум децении музика со Сунчица и DJ Charley!

Подгответе се за музичко патување од шеесеттите години на минатиот век до денес!

Седум музички блокови ќе нè водат низ најпознатите хитови, евергрини, диско-ритми, денс, танго и песни што оставиле белег на генерации.

На одбрани музички премини ќе има кратки интерактивни активности, танцови предизвици и заеднички изненадувања.

А за танцување? Ќе има и предизвик според старото добро правило: дамите бираат, па господата бираат!

🎲 ЗОНА 2 – МААЛСКИ ИГРИ
Враќање во време кога целото маало беше наше игралиште!

Се сеќавате ли кога за добра забава беа доволни неколку другарки или другари, малку фантазија и желба за игра?

Во оваа зона повторно ќе ги оживееме игрите што ни го исполнуваа детството и младоста.

  • Домино и карти – за стратегија, трпение и малку среќа.
  • „Не лути се човеку“ – да видиме кој сè уште знае да губи со насмевка!
  • Пет камци – за вештите раце.
  • Брза географија – за оние што сè уште ги паметат градовите, реките и планините.
  • Пантомима, асоцијации, вртење шише, „Здрвена Марија“ и „Расипан телефон“ – за многу смеа и заеднички предизвици.

Дел од игрите ќе бидат достапни за слободно играње во текот на вечерта, а одбрани активности ќе бидат организирани како кратки заеднички предизвици.

Годините се бројка, а желбата за игра е безвременска!

📖 ЗОНА 3 – СПОМНИ СИ / СПОМНИ МИ

Мала ризница на големи спомени!

Секој од нас чува нешто што има посебна вредност – предмет, фотографија, песна или приказна што нè враќа во некое драго време.

Ова е простор за споделување спомени, разговори и откривање на приказните зад предметите што сме ги сочувале.

Ако имате храброст, понесете еден спомен и споделете ја неговата приказна!

  • Стар споменар, лексикон или дневник.
  • Фотографија од детството, младоста или некоја незаборавна забава.
  • Грамофонска плоча, касета, значка или постер.
  • Албум со сликички, колекција салфетки или омилена играчка.
  • Предмет што има интересна или смешна приказна.

Можеби ќе откриеме заборавени симпатии, стари пријателства, необични случки и многу заеднички моменти.

Затоа што спомените стануваат уште поубави и повредни кога ги споделуваме!

🍷 ВКУСОВИ ШТО БУДАТ СПОМЕНИ

Мала гастрономска прошетка низ времето!

А каква би била една вистинска прослава без познатите вкусови од нашите семејни и маалски дружби?

Во посебен дел од просторот ќе уживаме во избор од традиционални закуски, солени и слатки задоволства инспирирани од прославите што ги паметиме.

Солени вкусови:  Руска салата, домашни кифлички, мали сендвичи, пита, проја, ајвар, туршија, соленки, смоки, кашкавал и сувомеснати деликатеси.

Слатки спомени: Обланди, бајадери, бомбици и други мали слатки задоволства што нè потсетуваат на домашните прослави.

За наздравување: Вино, ракија, пиво, освежителни пијалаци и вода.

 

Изборот на храна и пијалаци ќе биде усогласен со фестивалското мени и предвидената консумација.

Некои вкусови никогаш не се забораваат – особено кога ги споделуваме со драги луѓе!

КАКО ЌЕ СЕ ОДВИВА ВЕЧЕРТА?

 

ФЕСТИВАЛ 6.0~ е замислен како слободно, интерактивно дружење.

Музиката ќе биде главната нишка на вечерта, а трите тематски зони ќе функционираат паралелно.

Секој учесник ќе може да избере како сака да ја помине вечерта – со танцување, играње, разгледување спомени, разговори или едноставно уживање во атмосферата.

Во текот на музичкото патување ќе има и неколку заеднички моменти што ќе ги поврзат сите присутни.

Вие го избирате своето доживување, а заедно ја создаваме фестивалската атмосфера!

 

ИНФОРМАЦИИ ЗА УЧЕСТВО

📅 Датум: 20 октомври 2026 година (вторник)

🕢 Време: 19:30 – 23:00 часот

📍 Локација: N99 – Центар за настани, ФОН Универзитет, Скопје

🎟️ Учество: 1.000 денари – со консумација

👖 Dress code: ЏИНС + бело + сино

 

ПРИЈАВУВАЊЕ И ПЛАЌАЊЕ

Пријавувањето за ФЕСТИВАЛ 6.0~ се врши преку веб-страницата на ДЕКОНУС или со испраќање порака преку Facebook/Instagram Messenger на личниот профил на Сунчица Арсовска.

Плаќањето се врши онлајн или со уплата преку банка. Учеството се потврдува по извршената уплата.

Во цената се вклучени учеството во целокупната фестивалска програма и консумација: два пијалаци, една вода и неограничена консумација на храна од фестивалското мени.

Наместо роденденски подарок – подарете ми го вашето присуство!

Дојдете со добро расположение, желба за дружење и барем еден убав спомен.

Да се потсетиме на времињата што нè обликувале, да уживаме во сегашноста и да наздравиме за сè што допрва доаѓа!

ФЕСТИВАЛ 6.0~

СПОМЕНИТЕ НÈ ПОВРЗУВААТ,

МУЗИКАТА НÈ ДВИЖИ,

ЖИВОТОТ СЕ СЛАВИ! ❤️

 

Информации: [телефон] 070 278 472 · [е-пошта] sunce.a@gmail.com