Blog Content

Home – Blog Content

MYVOICE – Викенд што ја заокружи вистинатa

Гласот што се разбуди – Викенд што ја заокружи вистината

Ден 1 – Тивкото будење (Петок)

Овој ден како да започна со фанфари за да го најави почетокот на следните денови. По долго време одлучив да појдам на планина и да ги расчистам моите мисли и умот. Имав толкав наплив на креативни идеи, желби како сето тоа да го реализирам… едноставно, ми требаше преиспитување и поставување на работите како што треба. Започнав со готовност да се соочам со сè што требаше да направам тој ден, и физички и психички. Си дозволив внатрешна тишина за да му овозможам на срцето да го сообрази она што знаеше – дека нешто ново зрее. Си дозволив да си ги преиспитам сите моите чекори, зборови, постапки и моето присуство – или пак отсуство? И таму, движејќи се низ најубавиот планински предел, каде природата ја истурила сета своја убавина за да ја нахрани душата, како се искачував угоре, така мислите стануваа почисти, појасни. Секој нов километар беше ново поглавје во мојот ум. И таму, додека се процесираа старите и новите сознанија, додека се групираа, организираа, подредуваа – во сè уште незапишаните мисли се разбуди една моја стара идеја која блесна со заслепувачка јаснотија: да го вратам својот глас. Ах, Корабскиот водопад со својата издашност и студената вода, впрочем и сета вода што се сливаше од многу околни пукнатини, дополнително ми ја разбистри, да не речам – ми ја разработи идејата. Тоа нема да биде гласот што зборува за другите, туку гласот што раскажува за мене. Ах, каков прекрасен ден. Уморот очигледен – 24 км и 1200 м надморска височина не се лесен залак за секого. Но величествениот поглед на водопадот и природните предели навистина вредеа. За мене беа посебно вредни. Си дојдов со чиста глава, спокојна душа и многу јасна идеја што следно ќе создадам. Особено затоа што веќе знаев што треба да одработам во следните два дена од викендот и на некој начин се радував што двата дена ми беа со веќе одредени конкретни активности.

Ден 2 – Средба со минатото (Сабота)

Доживеав нешто прекрасно. Неврзан разговор со познаник што одамна не сум го видела ми го наполни срцето. Низ разговорот го спомена мојот глас, се сетивме на минатото и мојот тогашен глас. Всушност, ме потсети што значи да се расте, да се биде со отворен ум и надвор од формите и очекувањата, додека внатре во сржта – секогаш искрена и вистинита на сопствената суштина. Тука веќе мојот ум работеше со светлосна брзина и ми донесе пријатно чувство кое ми шепна: твојот глас не е изгубен. Само тивко те чека да биде поканет назад. О да, имаше прашања дали навистина планирам да учествувам на трки по такво планинарење во петокот. Но што да кажам – јас сум јас. И кога мојот ум вели „можеш“ – јас го слушам. А сето тоа беше само првиот дел од денот! Следуваше мојот настап на Националното првенство за сениорки 2025 во трката на 800 м. Немав никакви посебни очекувања. Целта ми беше само да учествувам – како натпревар со самата себе, тест на брзината. И бидна. Каков тест! Истрчав со брзина каква што одамна немав постигнато. Здив немав кога завршив. Но бев горда што завршив. И ни помалку ни повеќе – во мојата глава, гласот веќе почна да се форматира и структуира. Чувствував возбуда и некаква среќа што ми мамеше насмевка без никаква посебна причина.

Ден 3 – Победнички глас (Недела)

И денес се случи тоа што најмалку го очекував – како печат на целиот процес: трката. Да, повторно учествував на Националното првенство за сениорки 2025 во дисциплината 5000 м. Жешко, спарно – но тука бев, присутна. Не бев за да постигнам некаков временски резултат. Не учествував за некаков пласман. Туку трчав за себе. Трчав со сето она што сум. Со сите свои искуства, борби, љубови, освоени височини и падови. Тоа ми беше голем исчекор, бидејќи трчав на максимум моја брзина во тој момент. И каков финиш! Трета! Трето место! Исцрпена, уморна, сè уште несвесна за постигнувањето – но со чувство на задоволство. Најава за наградените, повикување на подиум – за освоено трето место: диплома и бронзен медал. Ете, тоа беше буквално како јаготка на шлагот за да го заокружи овој викенд со перфектен скор! Во моментот кога ги добив медалот и дипломата, не добив само признание – туку и потврда. Потврда дека гласот што се разбуди не се раскажува – се живее.

Заклучок

Не мора секогаш да викнеш за да те чујат. Доволно е да се разбудиш и да му дозволиш на гласот да излезе. А мојот, после ваков викенд, веќе навистина немам изговори да го одлагам неговото излегување. Си верував себеси, му верував на моето тело, верував во сопствениот психофизички баланс. Овие три дена точно ми покажаа дека навистина не се работи секогаш за постигнување на целта како крајна цел, туку најважен е патот што ќе се помине додека се оди кон целта. Таму е делот по кој се препознаваат успешните. Искуството стекнато низ процесот на постигнување на целта е она што се вградува во нас, но истовремено ја вади највистинската верзија од секој од нас. И токму во тој мој процес, и токму овие три дена со овие три значајни настани ми ја заокружија идејата што крчка веќе некое време – мојот глас се разбуди, бидејќи има што да каже! Заследете ме на социјалните медиуми!

До следното читање,
Сунчица

П.С. Гласот што се разбуди веќе не молчи. Од денес, зборува, трча, живее и пак ќе пишува. А ти – слушаш ли?

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

en_USEnglish