Blog Content

Home – Blog Content

THE BRIDE: Жената во бело – писмо до себе, 36 години подоцна

Денес не е обичен ден. Првите сончеви зраци ме заслепеа и се што можев да видам беше бела боја. Зошто баш денес ваква заслепувачка светлина од првите сончеви зраци? Се запрашав, се разбира, бидејќи не беше првпат да го гледам изгрејсонцето, а потоа го погледнав телефоот – екранот покажуваше 02.07.2025, 06:25.  

Ах, денес е 2 јули. Не знам дали календарот го памети тој датум, но јас, моето тело, мојата душа, моите очи … го паметат.

На денешен ден, пред точно 36 години, бев облечена во бел невестински фустан и со дијадема на глава наместо вел, симбол на сила, избран уште тогаш, без да бидам свесна за тоа. И така облечена, заедно со сонувачката во мене, ЈАС, целата возбудена, со насмевка, со љубов, со верба, со почит, според традициите, влегов во божјиот храм и потврдив „да“.

Потсетувајќи се на тој ден, сфаќам дека тоа „да“ не беше само на мажот до мене, туку тоа беше „да“ на цела една визија на љубовта, на мое семејство, исткаена од бројните прочитани книги и уште повеќе од блиските, од семејството, од традицијата, од културата. Тоа беше мојата визија за иднината што ја замислив, на девојката која чекореше низ животот со широко отворени очи и големи соништа.

Иако дотогаш имав прочитано многу книги, многу патувано, не знаев многу за новиот живот пред мене. Но знаев да сакам. Знаев да бидам посветена. Силно верував дека тоа е вистинскиот следен чекор во мојот живот.

Таа жена во бел невестински фустан, исправена гордо, денес ја гледам со многу љубов. Не како идеализирана невеста од приказните, туку како млада, храбра, човечна – ЈАС. Со стравови невешто замаскирани со насмевка, со надежи кои ги носела во себе, со срце што би трчало до крајот на светот ако љубовта го повикаше.

Денес, кога се навраќам на тој ден, на невестата во бело, сфаќам колку голем и силен бил нејзиниот сон и визија тогаш. Затоа сакам да погледнам од денешен ден, што таа не знаеше тогаш?

Не знаеше дека љубовта понекогаш не е доволна. Не знаеше дека животот ќе ја предизвикува и ќе ја крши… но и ќе ја создава одново и одново пак.

Не знаеше дека постојано ќе учи, дека ќе се бори, ќе паѓа и ќе станува, секогаш со ново искуство, со ново знаење, со нова сила.

Не знаеше дека ќе стане мајка, но силно посакуваше. И дека токму таа љубов ќе ја предизвикува и ќе и биде и спас и водилка.

Денес, 36 години подоцна, не жалам за ништо. Не би го вратила назад времето. Но ѝ се поклонувам на таа жена. Затоа што без неа – немаше да бидам оваа ЈАС.

Денес само чувствувам потреба да и се обратам на неа, на жената во бело:

„Жено во бело, ти благодарам што тргна, што сакаше,  што веруваше, што одеше храбро и со отворено срце.

Сега знам – невестата ЈАС не престанува да постои кога ќе го соблече фустанот. Таа живее внатре во мене и денес, и се појавува секогаш кога се решавам пак да верувам. Пак да сакам. Пак да изберам. Ти благодарам!“

Верувам дека не сум единствената жена која се сеќава на денот кога облече бел фустан и веруваше дека нејзините соништа, желби, визии ќе се остварат, а љубовта ќе ја понесе во ново среќно поглавје во животот. А потоа доаѓа соочувањето со реалноста и секојдневието и витинскиот живот.

И токму тука, поттикната од значењето на овој датум и ден за мене, драги жени, ве повикувам да се потсетите на таа жена во бело која ја носите во себе и да ја прегрнете силно, да и се заблагодарите за тоа што сте денес, затоа што без неа, денес ни вие не би биле тоа што сте денес.

А тие што се уште размислуваат или сонуваат да облечат бел фустан? Запомнете зошто сте во бело и запоменте која сте! Тоа ќе ви биде водилка и светла точка во животот.

До следното читање,

Сунчица  

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

en_USEnglish