Blog Content

Home – Blog Content

КАФЕ, ДУША И МАЛКУ МАГИЈА

„Ај на кафе“ Една од најодомаќените и најчесто користените фрази на нашево поднебје за средба, дружба, пауза. Едно видување цело векување.

Странците секогаш во чудо прашуваат„велите одите на кафе, а потоа нарачувате храна, пијалоци и останувате часови и не престанувате да зборувате“.

Ете, тоа сме ние. Пиењето кафе е многу повеќе од само физичко разгалување на нашиот ум и тело. Тоа е дел од нашето живеење, од нашиот културен код. Иако денес достапните видови на кафе за консумирање се најразлични, останува фактот дека пиењето кафе на овие простори подразбира социјален момент, блискост, доверба,  бидејќи кафето се пие со колеги, пријатели, роднини. Кафето не е само момент на кафепиење, туку момент да се избега од рамката, од образецот, да се излезе во поинаква средина, да се поминете време во поинаква атмосфера, да се опуштиме, да се поведе разговар на поинакви теми, да се освежи умот, да се сврти фокусот, ако тоа е потребно.

Се сеќавам на едни други времиња кога повикот на кафе беше таен код со кој се повикувавме да размениме муабети за кои не се зборуваше јавно. А тоа беа теми кои за нас, како млади кои влегуваат во животот на возрасните, живо не интересираа. Сакавме да зборуваме за тоа што не очекува во иднината, верувавме во магијата на кафето, дека ете, шарите од талогот во филџанот кафе некој ќе ги протолкува и ќе ни даде некаква насока на дејствување за она што во моментот не интересира, училиште, оценки, дечковци и девојки, патувања. Многу беше важно да имаме некој што умее да „гата“, т.е. да „гледа“ на кафе. Ах, колку возбуда, колку разговори, колку нагаѓања, колку споредување, колку поврзувања на настани, луѓе места за само и само да се најде потврда дека она што е кажано според „гледањето“ има вистина. Колку тајни излегуваа на виделина, колку во тие моменти се гледаше блискоста, довербата, желбата за поддршка и помош!

Размислувајќи на оваа тема, од денешен аспект, сфаќам колку било моќно тоа „гледање“ на кафе, но не во смисла на предвидувања на настани, туку колкава била моќта на тие зборови, идеи, да не мобилизира сите, да не покрене, уште посилно да не поврзе и да не поведе во акција, ако треба малку и да интервенираме за некоја од „предвидените слики“ навистина се случи.

Сите имаме желби и сакаме да знаеме кои се предвидувањата за нашата иднина, и понекогаш на чуден начин не допираат некои работи кои не покренуваат на дејство. „Гатањето/гледањето“ кафе не е единствената алатка, тука се хороскопите, тука се читањата на дланка, толкувањето на соништата, гледање во тарот карти, обични карти, гледање на камења, школки исл, и многу други начини на кои луѓето отсекогаш се обидувале да ѕирнат во сопствената иднина, со „маѓиски работи“ .

Нашето физичко тело е едната страна од нашето постоење, а духовноста е другата страна. Овие алатки се многу тесно поврзани со духовноста. Затоа што тие користат зборови кои се блиски на душата и се разбирливи бидејќи ги чувствуваме. Многу лесно може да протолкуваме нешто ако ни е познато чувството што го предизвикува во нас. Јазикот на чувствата е единствениот на кој реагираме целосно – и со тело и со душа.

Денес сите овие алатки се многу комерцијализирани, и се широко достапни на интернет или преку најразлични апликации.

Кога помислив да ги повикам колегите „Ај на кафе“, сите оние размислувања почнаа да ми го окупираат умот и едноставно почувствував потреба да ги запишам и да ги споделам.

Додека го пишувам текстов, не можев да се оттргнам од впечатокот и мислата што како црв ми се провлекува низ умот – зарем сите набројани алатки не може да се сметаат дека се дел од целата индустрија за личен раст и развој? Ако ги разложиме и ја погледнеме основата и целта, и тие служат за разрешување на некоја дилема и откривање на некој непознат дел од себе, или разрешување на нешто се гледа како личен проблем? Секако, само алатката преку која се стигнува до одговорот се разликува, зарем не?

Ако еден коуч користи прашања, медитации, слики, за да се стигне до одговор, зарем гледачка или гатачка која ги користи фигурите од филџанот кафе, или тарот картите, или соновникот, или хороскопот не го прават истото?

Како и да е, работата на себе е процес и тоа го правиш за себе, но го согледуваш преку луѓето околу себе. Социјалната интеракција и заедница на луѓе со кои можеш да комуницираш е вистинското богатство.

Затоа, дали треба посебна причина за кафе? Дефинтивно не. Тогаш ајде на кафе, па потоа ќе размислуваме што понатаму! Којзне, можеби од некој филџан кафе ќе добијам насока со кого можеби ќе се сретнам, дали ќе патувам, или можеби и дали ќе правам веселба, или ќе добијам убава вест, или можеби ќе ми се покаже некое купче пари?  О да, сетоа тоа може да биде само отсјај на она што веќе е во процес на реализација и она што веќе е во функција, но забавниот дел од социјалната интеракција и друштво при пиењето на кафето, разговорите, дружбата е непроценлива, таа ја рани и ја полни душата!

Секој филџан кафе може да биде и врата кон себе. Дали ќе го протолкува она што ни се прикажува, или само ќе уживаме во моментот, не е важно – важно е што сме заедно, што сме тука, што се дружиме, што зборуваме.

На здравје, до следното кафе…  всушност, до следното читање

Сунчица

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

en_USEnglish