Blog Content

Home – Blog Content

4 мај – само датум?

Историјата не ја носиме како товар. Ја носиме како основа.

Секоја година почетокот на месец мај носи значајни историски одбележувања и празнувања. Во колективната меморија стојат факти кои секој од нас ги доживува и чувствува на свој начин, во зависност од околностите, средината, вклученоста во нивното одбележување.

Денес ќе се посветам на датумот 4 мај – датумот на кој е убиен Гоце Делчев, кој подоцна го поврзавме и со смртта на Јосип Броз – Тито.

Во училиште, преку разглас, слушавме информативни соопштенија кои говореа за делото и значењето на Гоце Делчев, на јазик и на начин разбирлив за сите ученици. Подоцна, на тој датум се додаде и информацијата за делото и значењето на Јосип Броз-Тито.

Со почетокот на второто училишно полугодие се распишуваа конкурси за пишување песни или раскази поврзани со Гоце Делчев и неговото значење за нас, за македонскиот јазик, за културата, за посебноста.  Подоцна беше додадена и темата за Јосип Броз-Тито, борбата и победата над фашизмот и пролетерската, социјалистичка Југославија и придобивките од нововоспоставениот систем на самоуправување.

Гоцевата мисла „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“ убаво ја надополнува пораката за  „братство и единство меѓу народите и народностите“ на Југославија.

Не знам и не можам да зборувам во име на другите како гледаат денес на тоа, но кога јас се враќам во тој период, чувствувам ентузијазам, верба и силен порив да бидам дел од сѐ. Да се вклучам во секој сегмент, да придонесувам, да бидам реална поддршка секаде, во секое време. Тоа значеше и во учење, и во култура, и во спорт, и дома, и на нива.

Тоа бев јас, љубопитното девојче кое не знаеше што е тоа многу, или доста. Само одвреме- навреме слушаше: „Не е за тебе, ти си девојче“ или „Немој, ти си женско“. Тоа не ме оттргнуваше, туку напротив, ме мотивираше да покажам и да докажам дека не се во право. Дека девојчињата знаат и умеат и можат, не само колку момчињата, туку и повеќе.

Таа амбиција и желба за себенадминување и докажување беше евидентна на секое поле, насекаде. Уште тогаш научив што значи добровлно вклучување во сите  општествени активности, но и активно учество во општествено-културниот живот во училиштето, во месната зедница, општината, градот Скопје.

Потекнувам од семејство во кое сѐ уште се работеше земјата и се одгледуваа домашни животни. Според денешните стандарди, бевме самоодржлив екосистем.

Ми беше чудно кога се зборуваше за пари, бидејќи тоа некако не кореспондираше со вредносниот систем што го носев од дома. Кај нас, дома, се вреднуваше вложениот труд, одговорноста, грижата, плодовите и богатството на родот. Масата секогаш беше полна и имавме храна во изобилство. Тоа беше моето прво училиште.

Образованието беше надградба на домашното училиште. Таму сакав што повеќе да прочитам, да научам, да дознаам, да истражам, да проверам, да докажам. Секогаш со отворен ум и подготвена да излезам напред.

Никогаш не размислував дали ќе згрешам, или дали треба јас да бидам прва. Од сите книги и лекции се истакнуваа примерите за храброста, вербата, доброто, вредното, важното. Поттикната од сето тоа, јас храбро дигав рака и се пријавував. И успевав да го исполнам секое барање, да ја извршам секоја задача.

Го сакав тоа време. Верував во себе. Ги препознавав можностите и сакав да бидам вклучена, да бидам дел од нив.

Знаев која сум. Бев уверена дека ќе одам напред  и бев подготвена да го освојам светот. Тоа ми беше во свеста, во главата.

Уште тогаш знаев дека ќе одам напред онолку колку што јас ќе одлучам.

Благодарна сум за тоа време и горда на тоа што сум денес.

Ги сакав и ги почитував,  ги сакам и ги почитувам и денес обајцата, и Гоце Делчев и Јосип Броз-Тито.

Гоце Делчев како симбол на идеалите за независна и слободна македонска држава, а Јосип Броз-Тито како дел од историскиот контекст во кој за првпат Македонија се појавува како самостојна државотворна единка во Федеративна Југославија.

Тие ни оставија наследство. Но и уште поголема обврска. Да почитуваме. Да разбираме. Да умееме. Да продолжиме

Јас знам која сум.  Јас сум МАКЕДОНКА од село Драчево. ЈАС СУМ ГОЦЕ. ЈАС СУМ И ТИТО.
И горда сум на своето потекло.

До следното читање,

Сунчица

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MKMacedonian