Дали некогаш сте почувствувале магнетска привлечност да направите нешто без да размислувате?
Токму тоа ми се случи викендов. Додека дојдов на себе и станав свесна за местото, средината, околината, си се насмеав самата на себе, но во себе чувствував мир, радост, ентузијазам, желба, поттик… просто неверојатно.
И да… сето тоа си го „позајмив“, бидејќи буквално се бев вратила во времето на своето детство. Не со време, место или околности, туку со конкретна природа и чувства. И тоа чувства предизвикани од нешто исконско, искрено, во најчиста форма!
А знаете што ми го предизвика чувството? Погледот на нерасцветаната булка..
Кога во светогледот ми влезе тоа тревнато парче земја меѓу патот и пругата покрај кои стоев, почувствував магнетска привлечност да и пријдам на булката која сведната висеше од стебленцето, а пупките на самото стебло сеуште не ги беа отвориле латиците.
Им се приближив, скинав две од нив, и моите раце без никаква двојба или дилема, многу вешто, и така-речи стручно, создадоа госпоѓица, или мала принцеза. Откако завршив со неа, скинав од тревата која имаше снопче бели цветови на врвот и срцевидни ливчиња, што ја викавме ѕвонче…. ја скинав, ѝ ги излупив срцевидните ливчиња само малку , за да ги одвојам од стебленцето, а потоа го занишав близу увото, го слушнав ѕвонењето и почувствував дека сум најсреќното суштество на светот.
Бев лесна, радосна, развиорена, се чувствував исполнета и горда бидејќи создадов нешто убаво од она што е достапно сега и овде, во природата, на оваа мала тревната површина.
Посакав да се пуштам во собирање на тревки со цветови за да сплетам венче.. да го комплетирам процесот… но се создаде некоја чудна гужва на улицата, зголемен сообраќај, почнаа да трубат сирените на автомобилите и одеднаш се вратив на тоа исто место, во оваа реална, секојдневна димензија.
Тоа го покрена мојот ум и свесно да потврдам дека навистина многу малку е потребно за среќа.
Играта со булките и ѕвончињата, надополнето со вртипопот кој неизбежно ја надополнуваше сцената, ми ги врати спомените од детството. Бескомпромисната блискост со природата и кретаивноста за создавање, или креативно користење на она што е достапно.
Се разбира, ваквиот начин на создавање не го измислив јас, само го превземав искуството и го применив додавјќи своја идеја. Сите бевме креативни и уникатни на свој начин, споделувавме, дебатиравме, и сето тоа ни беше игра која ја викавме натпревар.
Тие натпревари беа за тоа кој ќе направи поинтересно, поразлично, поуникатно, а не да го омаловажиме, потцениме, или уништиме „противникот“ или оној што мисли поинаку.
Најсилното чувство кое вака силно ме вцица беше таа слобода, разиграност, сигурност, искреност, креативност, доверба, поддршка, разбирање… ама и борбеноста, самодоверба, бунтовноста… не против тоа што ме опкружуваше генерално, туку против сè она што ми велеа дека треба да бидам, а јас не сакав, не можев да прифатам да бидам нешто што не сум, не смеам или не можам… сакав да си бидам јас..
Ја погледнав принцезата во мојата рака.
Во тој момент, таа беше сведок на тоа која сум била, која сум денес, всушност – која сум јас.
Дека јас и природата сме едно, но со различни функции и улоги. Дека не може да бидеме толку далечни и суштински различни, бидејќи сè почнува и сè завршува таму…
на линијата на која јас, човечкото суштество, се среќавам со природата.
До следното читање,
Сунчица





